„Продис“ во април отвора втора фабрика во Македонија, околу 200 нови вработувања

Премиерот Никола Груевски денеска оцени дека веќе е тренд отворањето нови фабрики од страна на странските инвеститори кои се веќе во Македонија.

„Тоа покажува дека странските компании се задоволни од условите што ги нуди Владата и локалните самоуправи. „Џонсон контрол“ покрај постоечката фабрика во Скопје, отвора нова во Штип, меѓународната компанија „Џонсон Мети“ на истото место работи на отворање нова фабрика, Технохозе најави отворање нов објект четирипати поголем од постојниот, руската компанија за лекови „Продис“ најави дека во април ќе отвори втора фабрика во која ќе вложи 15 милиони евра и ќе вработи нови 150-200 луѓе што е најдобра потврда дека Македонија нуди најдобри услови за инвестирање“, рече Груевски, одговорајќи на новинарски прашања.

Сите овие инвестиции, додаде, треба да донесат отворање нови работни места и зголемување на извозот. „Џонсон Мети“ годинава реализира 950 милиони евра извоз, а за в година очекува 1,250 милијарда евра.

„Покрај отворањето нови фабрики од актуелните инвеститори, се отвораат и фабрики од други вложувачи кои обезбедуваат репроматеријали за постојните капацитети, како што е примерот во Кавадарци каде покрај големата германска инвестиција, има заинтересирано туниска компанија, а таков е случајот и во Кочани каде што кинеска компанија ќе произведува репроматеријали за постојните капацитети“, истакна Груевски.