Ликовни творби на деца и млади на тема „Сите бои на мојата земја“ ќе бидат изложени на 21 ноември во Струга, во Основното училиште „Браќа Миладиновци“. Творбите се создадени од ученици од повеќе градови во текот на Креативната школа за ликовно творештво, одржана летово во Охрид, во рамки на проектот на Цивил – Центар за слобода „Сите бои на мојата земја“, посветен на едукацијата за човековите права и слободи и толеранцијата преку заедничко креативно творење. Делата кои ќе бидат изложени се дел од творбите создадени во текот на Школите за креативно творештво, кои летово се одржаа во Охрид, а на кои учествуваа над 40 деца од цела Македонија, предводени од професионални, искусни и обучени творци-предавачи.
Ќе биде проектиран и документарен филм за Струга, изработен од млади творци – посетители на Креативната школа за видео-творештво. Освен овие две, во Охрид се одржа и школа за креативно пишување. Школите за креативно творештво претставуваат дел од активностите на Цивил во рамки на проектот „Сите бои на мојата земја“, кој започна во мај и ќе трае до крајот на годинава. Проектот е финансиран од швајцарската Агенција за соработка и развој (SDC) преку Програмата CIVICA Mobilitas, а е имплементиран од Центарот за институционален развој (ЦИРа).
Во наредните недели вакви изложби ќе се одржат и во Куманово, Кичево и Скопје. Изложбата во Струга ќе биде отворена во 12 часот.