На покана на реномираната компанија за организација на туристички патувања GEGG Reisen, од Австрија, од 16 до 17 ноември, делегација на општина Охрид учествуваше на Саемот TRAVEL SHOW, на кој се промовираат ексклузивните тури организирани од оваа Компанија, а воедно се промовираат дестинациите кои се вклучени во нивните програми.
Охрид, како една од дестинациите на турата Balkan Symphony (со престој од 2 ноќевања), веќе неколку години е посетуван од страна на австриските туристи, чиј што интерес за посета на Охрид се повеќе се зголемува, со што се наметна потребата од зголемена промоција и презентација на туристичкиот потенцијал на Охрид, како и природното и културно наследство.
Од тие причини, општина Охрид, заедно со претставници на ХОТАМ, угостителскиот сектор и медиумите, зеде учество на оваа манифестација каде успешно ги промовираше туристичките потенцијали на градот.
Делегацијата на општина Охрид, предводена од градоначалникот Никола Бакрачески, оствари средби со извршните директори на оваа компанија, при што беше констатиран интересот на австриските гости за посета на Охрид, а воедно беше договорен и план за натамошна соработка, односно остварување на можноста за организирање на посебна тура кој би била наменета исклучиво за Македонија, со што Охрид би добил уште поголем број на туристи од Австрија кои би оствариле и поголем број на ноќевања во Охрид.
Од претставниците на компанијата GEGG Reisen ни беше потврден интересот на австриските туристи за посета на Охрид и укажана потребата за уште поголема соработка со цел зголемување на бројот на туристи и остварени ноќевања во Охрид преку организираните тури на оваа компанија.
Општина Охрид на својот штанд ги промовираше туристичките потенцијали на Охрид преку туристички пропаганден материјал, како и преку богата трпеза со традиционални охридски специјалитети.
Штандот на општина Охрид беше меѓу најпосетените, а самите посетители нескриено го искажуваа своето задоволство и интерес за кулинарските специјалитети кои таму можеа да ги пробаат, како и за убавините на Охрид кои им беа презентирани.
Воедно беше остварена и средба со градоначалникот на Ветманштатен, кој како домаќин го изрази задоволството од учеството на саемот, и својата поддршка за понатамошните активности во однос на промоцијата на Охрид пред австрискиот туристички пазар.