Со цел унапредување на угостителската и туристичката дејност во Охрид, градоначалникот Никола Бакрачески и стручните служби на Локалната самоуправа денеска остварија средба со угостителите од Охрид.
„Иницијативата за свикување на ваква средба произлегува од потребата сите заедно да надминеме некои слабости кои според анкетите и евалуацијата на туристичката сезона за 2013 година ги спроведе Секторот ТЛЕР заедно со Факултетот за туризам и угостителсво кои преку презентација имаме можност да ги согледаме денеска“, – рече градоначалникот Бакрачески.
Секторот за туризам и локален економски развој при општина Охрид, заедно со Факултетот за туризам и угостителство, спроведоа анкета на значителен број испитаници, односно гости и туристи и во таа евалуација беше вметнат прашалник во кои беа наведени причините поради кои гостите доаѓаат во Охрид, начините на кои патуваат до Охрид, квалитетот на услугите кои ги добиваат и како го гледаат идниот развој на туризмот во Охрид.
„Нашата цел која исто така произлезе од евалуација на овие резултати е, по теркот на формирањето на Советот на градски татковци, кој всушност е економски совет на општина Охрид да формираме и работна група формирана од угостителите, претставници на општина Охрид и Факултетот за туризам и угостителство како научна установа со која преку заеднички настап ќе имаме можност да ги детектираме постоечките проблеми и да креираме најдобри можни решенија за унапредување на турзимот во Охрид“, – истакна градоначалникот Бакрачески.
Професорката Ангела Василевска од ФТУ, излагајќи ги резултатите од истражувањето што ги направи факултетот, посочи на неколку моменти:
„Многу е важно да се оди на една перманентна едукација на угостителските кадри и формирање на квалитно јадро кое понатаму ден по ден ќе се едуцира. Не треба да има флуктуација, постојана промена и внесување на нови сезонски работници, особено непрофилирани коишто немаат никаква допирна точка со угостителскиот сектор“.
Василевска истакна дека сите угостителски објекти се многу слични во понудата, без посебни специфики:
„Во овој момент сведоци сме дека секој угостителски објект наликува еден на друг. Понудата е речиси обична, секојдневна, најчесто на скара и наједноставни оброци. Воопшто нема специфична понуда како на пример специјалитет на денот, изнаоѓање на некои традиционални стари јадења коишто се уште не се афирмирани, внесување на некои локални производи во мало катче секојдневно, па дури и изготвување специјални понуди во угостителските објекти од типот на енергетски оброк или протеински оброк“, вели професорката од Факултетот за туризам и угостотелство.
Истражувањата на оваа високообразовна установа покажале дека во ниту еден угостотелски објект во Охрид нема подготовка на храна пред самиот клиент.
„Угостителството е приказна којашто клиентот треба да ја понесе со себе. Ако музиката го допира сетилото за слух, уметноста го допира сетилото за вид, гастрономијата е доживување кое треба да ги допре сите сетила“, децидна е Василевска.
Градоначалникот Бакрачески ја потенцира заложбата за проширување на туристичката понуда надвор од летната сезона, во кое проширување секако спаѓа и дочекот на Новата Година и одбележувањето на празникот Богојавленије – Водици.