Дванаесет нови наслови од медицината, економијата, правото и природните науки денеска беа промовирани на 50. јубилејна промоција од проектот „Превод на 1.000 стручни, научни книги и учебници од кои се учи на врвните, најдобрите и најреномираните универзитети.
Со преводот на најновите наслови, досега вкупно се преведени 845 книги, а до завршување на проектот остануваат да се преведат уште 155.
„Означувањето на јубилеј – 50-та промоција на книги во рамките на овој проект, доволно говори за капиталот на знаење и литература која во сите овие години, од 2009 година кога е започнат проектот, па се до денес, влезе во македонското општество“, истакна на промоцијата премиерот Никола Груевски.
Тој додаде дека со преводот на овие книги студентите, научниците, професорите и истражувачите и сите оние кои се заинтересирани за повеќе знаење пред себе имаат врвни дела од современата наука.
„Се надевам дека истите ќе бидат искористени на најдобар можен начин и дека на долг рок, на нашата држава ќе и донесат многу знаења, зголемени компетенции и поголема конкурентност во делот на човечкиот капитал“, нагласи Груевски, осврнувајќи се посебно на неколку значајни наслови што се преведени.
Министерот за образование и наука Спиро Ристовски најави проширување и надградување на проектот со можност за отворање читални и во други градови или со продолжување на превод на нови дополнителни наслови.
„Соба без книги е како тело без душа. Ние ја отворивме оваа просторија, која изобилува со современа литература и каде сите граѓани можат да читаат, да прибираат информации, но и да разменат мисли за тоа што го прочитале. Не можеш да отвориш книга, без да научиш нешто. Секое отворање на овие корици, Ве внесува во светот на современото знаење, кое со Вас, почитувани студенти, го делат вашите колеги од Кембриџ, Јеил, Оксфорд, Сорбона…“, им порача Ристовски.
Проектот за превод на 1.000 стручни, научни книги и учебници од кои се учи на врвните, најдобрите и најреномираните универзитети во САД и Англија, а од областа на правото во Франција и Германија“ започна во 2009 година. Досега се преведени книги од најразлични области, како што се правото, економијата, претприемништвото, иновациите, земјоделието, ветеринарната, биотехничките науки, градежништво, архитектура…