Министерот за образование и наука Спиро Ристовски присуствуваше на презентацијата на резултатите од Анализата на политиките и праксата на професионалниот и кариерниот развој на наставниците во Република Македонија.
„Проектот за професионален и кариерен развој на наставници во Македонија е еден од проектите кои Бирото, Министерството за образование и наука и УСАИД заеднички ги работат изминатите години со цел унапредување на образованието. Во изминатите седум месеци голем број експерти од институциите надлежни за образование во државата и експерти од странство работеа на една опсежна анализа која опфати анализа на законската легислатива, прибрани податоци од дискусија со фокус групи, наставници, стручни соработници и директори од останати засегнати страни во рамки на образовниот процес односно со претставници на локалната самоуправа“ – истакна директорката на Бирото за развој на образованието Веcна Хорватовиќ, која ги презентираше резултатите од Анализата.
За континуирана мотивираност на наставниците да работат на сопственото надградување и професионален развој, потребно е да се развие систем на кариерно напредување, компетенциите за наставник да се издадат во еден посебен документ, да се обезбеди квалитетен наставен кадар, квалитетна програма за менторска работа и да се изготват и стандарди за наставници. Наставниот кадар во делот на додипломското образование да добие повеќе можности за практична работа, да се обезбедат компетентни наставници за учениците со оглед на тоа што има училишта во рурални средини и добро е општината да ги менаџира вработувањата и да обезбеди квалитетни наставници за секое дете, а треба добро да се менаџира и со дефицитарниот кадар за определени предмети. – Ова се дел од препораките кои беа истакнати во презентацијата.
„Во препораките стои дека потребна е перманентна обука за раководење и следење на работата во училиштата бидејќи директорите се клучен фактор во делот на обезбедување на квалитетот на воспитно-образовниот процес, треба да се продолжи екстернта и интерната проверка на постигнувањето на учениците во насока на подобрување на квалитетот на наставата.“ – посочи Хорватовиќ.
Министерот Спиро Ристовски во оваа прилика истакна дека: „Целта на овој проект е да придонесе за унапредување на статусот и квалитетот на наставничката професија, а со тоа и за поквалитетно образование, што е една од главните заложби на Владата на Република Македонија. Добрите наставници се клучни за обезбедување на високи постигања на учениците. Затоа е важно наставниците постојано да бидат во тек со современите трендови и истите да ги пренесуваат на учениците. Министерството за образование и наука многу инвестираше во подобрување на физичките услови во училиштата, опремување со нагледни средства и наставни помагала. Исто така, направивме измени и дополнувања на законите за образование, од една страна насочени кон обезбедување на поодговорно работење на сите чинители во образованието, а од друга страна кон нивна поддршка за професионален развој и кариерно напредување.“
„Владата на Република Македонија се стреми политиките да ги заснова врз сознанијата за реалните состојби и да планира активности што ќе обезбедат применливост на решенијата. Затоа, особено е важно тоа што идните активности се темелат на наодите и препораките од оваа анализа и се однесуваат на подобрување на целокупниот систем за обезбедување професионален наставен кадар.“ – додаде тој и појасни дека изготвените компетенции за наставниците ќе претставуваат основа за подобрување на програмите за додипломско образование на наставниците, воведување на приправниците во наставничката професија, како и за континуиран професионален развој, за што Министерството ќе обезбеди побогата понуда на разни форми и содржини за професионален развој што ќе им овозможи на наставниците успешно да се соочат со предизвиците на професијата – наставник на 21 век.
„Дел од активностите ќе бидат насочени кон подобрување на вреднувањето на наставниците од страна на училиштето, бидејќи обезбедувањето квалитет во образованието, примарно е одговорност на училиштата. Како министерство ќе вложиме напори да обезбедиме колку што е можно повеќе финансиски средства за стручно усовршување на наставниците, затоа што вложувањето во професионалниот развој на наставниците е инвестиција во иднината на нашите генерации.“ – рече Ристовски.