Реката Црн Дрим порибена со 2000 парчиња автохтона пастрмка

Извршено порибување во реката Црн Дрим со автохтона пастрмка во количина од 2000 парчиња на подмладок со грамажа од 10 грама по рипче. 

Инспекторот за рибарство од областа на рибарството и аквакултурата Јован Бојчовски како што кажа со денешното порибување заврши еден циклус на активности за 2013 година.

„Со денешното порибување остварен е годишниот план за 2013 година предвиден од страна на риболовното друштво „Пастрмка“ од Струга  и со тоа заврши еден циклус на активности за 2013 година“. – рече Бојчовски.

Бојчовски апелира до сите риболовци од Струга и сите населени места кои гравитираат на реката Црн Дрим, да вложат максимални напори, подмладокот со кој е порибена реката Црн Дрим денеска, соодветно да се заштити, за како што рече, со цел оваа вода да постане атрактивно место за вршење риболов во наредниот период.

Ова порибување е поддржано од страна на Здружението на спортски риболовци „Рибар 2011“ Скопје, од Институт за сточарство и Македонската риболовна федерација.

„Сакам да им порачам на спортските риболовци да ја негуваат пастрмката затоа што имаме рибочуварска служба која што ќе биде цело време на терен, за да не дојде до некои несакани последици, казни за рибокрадство или маломерни риби“. – истакна  Емил Матоски, претседател на ЗСР „Пастрмка“ од Струга.

„Јас како претставник од Риболовното Здружение „Рибар 2011“ исто како поддржувачи за риболовот за да се подобри риболовната слика во Р.Македонија општо со рибите, и да биде подобро за риболовците. Наша политика е да ги помогнуваме сите риболовни здруженија кои се трудат да направат нешто подобро во нашата република и за риболовците и за водите, ги помогнуваме со одредена сума, која не е голема, но е голема помош за секое здружение да се помогне со порибителен материјал кој ќе се искористи исто така, ќе се пушти во водите, ќе остане за нас и за идните генерации“. – изјави Златко Димоски, член на управен одбор на Здружението за спорт и рекреација „Рибар 2011“ од Скопје.

WebOhrid