Двајцата млади охриѓани, фотографот Стојан Стојаноски и оперската пејачка Миланка Новеска се годинешни добитници на Повелба „Св. Климент Охридски – патрон на Охрид“. Имињата на добитниците денес ги обелодени претседателот на комисијата за одбележување манифестации и доделување на награди и признанија, Дејан Пановски.
„Делата кои што Стојаноски ги има направено како професионален фотограф се објавени на светски најпознатите медиуми што претставува една извонредна слика за Охрид и извонредна позитивна промоција на градот, како природна и културна убавина и реткост. Вакви фотографии денес да ги имате објавено на медиуми како што се CNN, Дојче Веле, Foksnews како и сајтот на НАСА е вистинско достигнување со кое што Охрид треба да се гордее, затоа што и еден сегмент од слика или име на градот да го имате на овие светски медиуми е реклама која што може да се користи во туристички и останат вид промотивни цели за Охрид“, рече Пановски, образложувајќи зошто петчлената комисија одлучила Стојаноски да биде еден од добитниците на повелбата.
„Миланка Новеска на своите настапи, на домашно и меѓународно ниво покажала еден добар сигнал за Охрид, докажувајќи дека во градов има квалитетни кадри кои се позитивно оценувани и дома и во светот“, – потенцира Пановски, осврнувајќи се на достигнувањата на младата солистка.
Повелбите на добитниците ќе им бидат доделени на свечената академија што по повод патрониот празник на градов ќе се одржи на 8-ми декември во Центарот за култура „Григор Прличев“.