Воведувањето СМС пораки во комуникацијата наставник-родител не претставува начин за никакво оддалечување на наставниците и родителите туку напротив претставува алатка за навремена и брза реакција и зголемено присуство на родителите во училиштата.
Ова е коментарот на министерот за образование и наука Спиро Ристовски на новинарско прашање за обвинувањата од страна на Алијансата за позитивна Македонија дека комуникацијата родител-наставник не смее да се сведе само на СМС пораки и дека е недозволиво да се изгуби комуникацијата со тет-а-тет средби меѓу наставниците и родителите кои директно влијаат на успехот на учениците.
„Суштината на СМС известувањата е во насока да се обезбеди побрза и навремена информација кај самиот родител врз основа на продукција на информација од внесување на податоците во електронскиот дневник. Основната идеја не е да се изгуби комуникацијата помеѓу родител-наставник, напротив СМС известувањата треба да бидат мотивација за поголем дел од родителите доколку забележат промена во успехот, воспитанието, или однесувањето кај нивните деца веднаш да реагираат и да отидат во училиште“, изјави Ристовски.
Тој посочи дека показател за успешноста на оваа мерка се последните известувања што покажуваат дека за повеќе од три недели има пораст од над 45.000 нови броеви, односно 45.000 нови родители дошле и оставиле броеви што, како што истакнува го покажува интересот на родителите.
Министерот за образование и наука додаде дека на почетокот од воведувањето на оваа можност 143.000 родители се пријавиле да ја користат, а сега, по само три недели, за да добиваат извесување преку СМС пораки се пријавени вкупно 188.000 родители.