Зајакнати контроли во ископувањето минерални суровини со вклучување на повеќе инспекторати, со цел сузбивање на нелојалната конкуренција, најави министерот за економија Ваљон Сарачини.
Во рамки на проектот „Отворено со бизнисот“ Сарачини одржа средба со концесионерите на минерални суровини кои истакнале дека најгорлив проблем им е нелојалната конкуренција, иако работат според законот и навремено ги подмируваат обврските кон државата во вид на концесиски надоместоци од кои 78 отсто одат во буџетот на општината каде се наоѓа локалитетот, а 22 отсто се слева во државната каса.
Министерот Сарачини, излегувајќи во пресрет на барањата на концесионерите, најави засилени контроли во овој сектор, во кои покрај инспектори од Државниот инспекторат за техничка инспекција ќе земат учество и останатите инспекциски служби во државата, вклучувајќи ја и трудовата инспекција и УЈП, соопшти по средбата Министерството за економија.
„Покрај зајакнатите контроли, Сарачини потсети дека до 10 декември е крајниот рок за уплаќање на концесискиот надоместок. За оние што нема да платат во рокот, веќе од следниот ден, од 11 декември, ќе започнеме постапка на одземање на доделените концесии. Законот за минерални суровини е работен заедно со концесионерите, па мора и да се почитува од сите. Тоа е во интерес и на државата, а и на општините каде се наоѓаат доделените концесии, така што ќе бидеме доследни во неговото спроведување и максимално почитување“, истакна министерот Сарачини.
Концесионерите на минерални суровиниги на средбата ги претставиле тековните активности на локалитетите за кои ја имаат добиено концесијата, за предизвиците со кои се соочуваат при работењето, и се информирале се електронското аплицирање за концесии, новина што ја воведе Министерството за економија, со цел олеснување на постапката.