Втор здравствен самит „Со превенција може да се каже не“

Само со превенција може да се каже не. Ова е заклучокот на Вториот здравствен самит што се одржува денеска во Скопје, во организација на меѓународниот проект Хелтгрупер.

Министерот за здравство Никола Тодоров информира дека не е возможно да се обезбеди се но, како што рече, клучно е да се стремиме секогаш да обезбедуваме повеќе и да се зголеми опсегот на услуги.

Потсети дека кога пред година и половина се разработувал проектот за почнување на неонатална кардиохургија имал прашање дали ќе се воведат контрацептивни средства на позитивна листа на лекови, на што одговорил негативно.

„Секој политичар и министер одбира меѓу приоритетите. Политиката ќе биде толку успешна колку што успешно ќе бидат одбрани приоритетите. Да имаме се не е возможно, некогаш треба да кажеме не, но сепак треба да внимаваме, да носиме одлуки од кои бенефит ќе имаат најголем број на граѓани“, рече Тодоров.

Директорката на ФЗОМ Маја Парнарџиева-Змејкова истакна дека првпат отворено и јавно се диксутира за тоа колку е тешко да се носат одлуки во Фондот и во Министерството за здравство и дали правично и праведно се распоредуваат финансиските средства за здравство.

„Не смее да се каже не само на превенција. Превенцијата може да овозможи поквалитет живот за сите граѓани и рано детектирање на сите заболувања кои медицината може да ги одржува и да ги лекува“, рече Парнарџиева-Змејкова и додаде оти е потребна поголема грижа за животната средина, поздрав живот и повеќе спорт.

Таа соопшти дека минатата недела договорила со матичните лекари скрининзи од јануари во следните две години, за целата популација која има избрано матичен лекар. Скринизите се за трите заболувања кои во светски рамки веќе се дефинираат како пандемија-рано детектирање на дијабетес, на бубрежна слабост и на кардиоваскуларните заболувања.

Во пракса, како што рече, ние навистина, како и другите земји немаме доволно средства за сите здравствени потреби на нашите граѓани.  Потсети дека големи, тешки и бројни интервенции наместо во странство, сега се прават поевтино во Македонија.

Професорот Тед Тулчински од Хебрејскиот универзитет од Ерусалим согледува голем напредок во здравството во Македонија. Смета дека има уште многу нешта кои треба да се направат за да се унапреди здравството во Македонија, како третирање на високиот крвен притисок со цел да се избегне смртноста.

Според него, на школата за јавно здравје потребна и е поддршка и помош и изрази надеж дека наскоро ќе биде акредитирана. Со тоа, ќе биде прва школа во регионот која ќе се стекне со акредитацијата.

Самитот се реализира во соработка со Фондот за здравствено осигурување на Македонија, Министерството за здравство, Светската здравствена организација за Европа, Македонското лекарско друштво и Здружението на лекари Албанци од Македонија. На Самитот учествуваат гости од странство и предавачи од Харвард и од Израел.