Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод празникот Св. Климент Охридски упати честитка до поглаварот на Македонската православна црква, архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан.
„Дозволете ми, на сите верници од православна вероисповед, Вам лично и на целото свештенство и монаштво, по повод големиот празник Свети Климент Охридски, да Ви упатам срдечни честитки и најискрени желби за благосостојба и за мирен духовен живот.
Овој голем светител е закрилник и патрон на македонскиот народ низ целата негова историја. Свети Климент Охридски е основоположник на Охридската книжевна школа, а како творец на кирилското писмо ги постави темелите на христијанството и на македонската писменост. Денешниот празник нè потсетува дека треба да продолжиме да ги негуваме неговата благородна мисија и традицијата на промовирање на православието кое се темели на љубовта, мирот, меѓусебното почитување, толеранцијата и солидарноста.
Одбележувајќи го Денот на свети Климент Охридски ги славиме писмото и пишаниот збор кои се од големо значење за македонскиот народ и за македонската држава, бидејќи со Климентовата просветителска мисија се продолжи делото на светите браќа Кирил и Методиј.
Убеден дека Македонската православна црква како досега, така и во иднина ќе продолжи да го негува делото на големиот просветител, до Вас, Ваше Блаженство, до Светиот архијерејски синод и до сите православни верници, Ви упатувам срдечни честитки.“ – стои во честитката од претседателот Иванов.