Градоначалникот Бакрачески во присуство на амбасадорот на Кина ја отвори изложбата „Убава Кина“

По повод 20 години од воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу Народна Република Кина и Република Македонија, во 13 часот  во куќата на Робевци, Градоначалникот Бакрачески во присуство на амбасадорот на НР Кина во Р. Македонија и пред бројната публика ја отвори фото – изложбата „Убава Кина“.

„Ова е најубав начин да се доближат убавините на Кина, егзотиката и волшебните мистични предели претставени преку фотографии од врвни кинески мајстори на фотографијата. Ова  е ретка прилика во која можат да уживаат љубителите на уметноста во мојот град Охрид и Република Македонија.

Во оваа прилика сакам да спомнам дека една голема земја која има една третина од денешното човештво на најубав можен естетски начин го освојува Светот, бидејќи само естетското освојување на Светот е единствена можност за вистинска хуманизација на денешната цивилизација, тргнувајќи од максимата на големиот Македонец Гоце Делчев „ЈАС ГО РАЗБИРАМ СВЕТОТ КАКО ПОЛЕ ЗА КУЛТУРЕН НАТПРЕВАР ПОМЕЃУ НАРОДИТЕ“, во случајов оваа изложба не претставува ништо друго освен натпревар на убавината и естетиката.

Ви посакувам да ги доживеете ретките уметнички чувства што ги нуди оваа поставка и горд сум што имаме ретка можност да уживаме во едно бескрајно фотографско патување на уметниците од нашиот голем пријател Народна Република Кина“, потенцира градоначалникот Бакрачески.

IzlozbaKina01