Изработка на регионални планови за управување со отпад за Источниот и Североисточниот регион ќе се овозможи преку проект, финансиран од ИПА програмата на Европската унија.
На отпочнувањето на проектот денеска се обратија министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми и евроамбасадорот Аиво Орав.
„Овие планови ќе бидат водечки документи за воспоставување на идната структура за процесот на имплементација на интегрираното регионално управување со отпад, кои ќе можат да се мултиплицираат и во други региони. Интегрираното регионално управување со отпад е процес, кој се очекува да биде предмет на промени и приспособувања, согласно барањата“, рече Адеми.
Проектот, според евроамбасадорот Орав, ќе помогне за надминување на состојбата со отпадот во Македонија и подобрување на националното законодавство за управување со отпадот. Проектот, додаде тој, ќе даде свој придонес и за решавање на пробелемот со постоечките неконтролирани диви депонии, преку промовирање мерки и стратегии.
Проектот „Подготовка на регионални планови за управување со отпад и Стратешка оценка на влијанието за Источен и Североисточен регион“ е поддржан од Европската унија преку Оперативната програма за регионален развој 2007-2013 (ИПА компонента ИИИ) со буџет од 1,14 милиони евра.