Димитриев: Да надвладее разумот, да се запази достоинството на народот

Во моменти кога имаме силна политичка поларизација да надвладее разумот, да се запази достоинството во постапките и комуникацијата меѓу себе. Република Македонија во историјата преживеала многу премрежја, ќе го преживее и ова и ќе излезе посилна, порача премиерот Емил Димитриев, кој денеска присуствуваше на Велигденската литургија во централниот храм на Брегалничката епархија „Свети Никола“ во Штип.

„Доброволната жртва на Исус не потсетува дека треба да ги запазуваме вредностите, кои што со векови го јакнеле единството меѓу македонскиот народ, а граделе соживот и толеранција со останатите народи. Ова е поука за политичарите во моменти кога имаме силна политичка поларизација да надвладее разумот, да се запази достоинството во постапките и комуникацијата меѓу себе. Република Македонија во историјата преживеала многу премрежја, ќе го преживее и ова и од ова ќе излезе посилна“, рече Димитриев.

Митрополитот на Брегалничката епархија г. Иларион истакна дека денеска е радосен ден, а македонскиот православен народ денеска го слави Велигден научен од проповедот на Светиот апостол Павле, проповедено и во Филипи кај првата жена христијанка Лидија.

„Посакуваме светлоста Христова да ги просветли и осветли сите луѓе во светот, да завладее мир и љубов, сплотување и соединување, а исто така посакуваме и во татковината наша Христовата светлина да ги просветли сите луѓе, да ги избави од мракот и како што Христос со воскреснието ги посрами и ги порази непријателите негови, така и нашите непријатели кои ја мразат татковината и верата православна да ги посрами со своето воскресение. Нам да ни даде сила и трпение, љубов да истраеме“, рече г. Иларион.

Тој упати порака и до македонските политичари и оние кои ја раководат државата за ум и разум, љубов и единство за да може, вели, сите граѓани да ја чуваат татковината и древната наша црква Света Охридска архипископија која годинава одбележува 50 години од возобновена во лицето на Македонската православна црква.

На литургијата присуствуваа и градоначалникот на општина Штип Илчо Захариев, пратеници во Парламентот и голем број верници.