Министерот за образование и наука Спиро Ристовски денеска изјави дека комплетно ќе го реализираат планот за санација и реконструкција на училиштата и проектот за т.н. монтажни училишта во руралните средини.
По денешната промоција на 15 нови наслови од проектот за превод на 1.000 книги, министерот Ристовски истакна дека 16 училишта ќе бидат реновирани во следните неколку месеци, а до крајот на јануари ќе биде распишен тендер за комплетна рекоснтрукција на дополнителни осум училишта.
„Се очекува во наредните неколку месеци да се заврши комплетната санација и реконструкција согласно потребите на општините и училиштата така што 16 училишта ќе бидат санирани. Кон почетокот на јануари ќе биде распишан тендер за комплетна реконструкција и санација на дополнителни осум училишта со што доаѓаме до бројка од 24 училишта кои комплетно ќе бидат реновирани во наредните неколку месеци“, изјави Ристовски, одговарајќи на новинарско прашање.
Паралелно со ова, како што информира Ристовски продолжува и имплементацијата на проектот на т.н монтажни училишта во рураните средини.
„Во тек е тендерот за изградба на шест такви училишта, а во јануари е планирано да се распише тендер за дополнителни осум со што 14 монтажни училишта ќе бидат ставени во функција пред почетокот на новата учебна година“, нагласи министерот Ристовски.