Поголема финансиска поддршка, практична едукација на кадри преку директно поврзување со стопанството и создавање услови, рамки за развој, бараат македонските занаетчии. Оваа дејност не изумира, напротив, велат, доживува подем. Се поголем е бројот на младите заинтересирани за различни занимања и отворање сопствени, мали бизниси.
Мајсторот-занаетчија да стане симбол за долгорочен успех, социјален ангажман и модерна иднина е нивната цел, истакнаа по денешното отворање на манифестацијата Денови на занаетчиството.
„Македонското занаетчиство отсекогаш било израз на врвна уметност изработена од рацете на обичниот човек кој на парчето метал, дрво или кожа успевал да му даде убавина, живот, практична намена. Наша заложба е да стане симбол за долгорочен успех, социјален ангажман и модерна иднина со негување на корените, традицијата“, рече денеска министерката за култура Елизабета Канческа Милевска.
Старите занаети, истакна, се потврда за нашето историско траење, материјалната култура, уметничките вредности. Тие се уште живеат, се негуваат во Старата скопска чаршија која е дом на еснафите, место на кое опстојуваат копаничарството, грнчарството, филигранството, кујунџиството, папучарството.
„Денес, нашите музеи поседуваат извонредни збирки народни носии, ткаени волнени килими, филигран, слики од срма, сувенири од дрво, крзно кожа, резбани икони, јамболии, грнчарија,…, како и експонати кои се производ на веќе изумрени техники на изработка. Заедничка е обврската да демонстрираме највисок степен на одговорност за негување на оваа традиција“, посочи Канческа Милевска.
Препознавајќи го потенцијалот на Старата чаршија, Владата презема низа активности за нејзино ревитализирање. Истовремено, како што нагласи министерката, се поддржуваат и проекти за доближување на граѓаните до традицијата и вредностите кои се обележја на македонската култура.
Според занаетчиите, грантовите што се доделуваа лани и оваа година, не се доволни. – Развојот на нов бизнис, освен знаење, бара и финансиски средства. Во секој случај, го поздравувaме она што го направи Министерството за економија кое, и покрај кризата, почна да одвојува одредени средства од Буџетот за развој на занаетчиството, рече Кирил Трпчески, златар од Прилеп.
Во Македонија се регистрирани преку 300 занаетчиски дејности, но нема доволно кадри за сите. Бројот на активни занаетчии е околу 7.000. Тие се организирани во вкупно 14 локални занаетчиски комори. Доминираат фризери, козметичари, сервисери на компјутери и бела техника, графичката и услужната дејност, металската струка, а недостигаат пекари, чевлари, бравари и металозаварувачи.
„Занаетчиството е потреба и на граѓаните и на стопанството. Некои традиционални, стари занаети изумираат, за нив веќе нема потреба, ја завршиле својата улога. Но, тоа не значи дека и техниките на изработка се забораваат. Ги поврзуваме со нешто ново, современо. Така продолжуваат да живеат, во нови производи, нов накит, облека, модни додатоци…“, изјави Снежана Денковска, извршен директор на Занаетчиската комора.
Таа смета дека голем број од неврaботените во земјава не се доволно квалификувани.
Став на Трпчески и Денковска е уметничките занаети да бидат регулирани со посебен закон зашто најчесто обезбедуваат доволно средства за самостоен бизнис.
По отворањето на манифестацијата, Ирфан Буши, златар од Скопје, доби награда за успешен занаетчија од Министерството за економија, додека на Марија Зафировска, слаткар од Куманово, и беше врачена наградата „Занаетчија на годината“ од Занаетчиската комора. Признанија за развој на занаетчиството им беа доделени на Денковска и на Петар Узунов од Занаетчиската комора во Прилеп. Благодарница доби и градоначалникот на Прилеп Марјан Ристески зашто меѓу првите од локалната самоуправа ги поддржал занаетчиите во нивните напори за промовирање на дејноста.