Македонија го доби својот „Job market“

Агенцијата за вработување на Република Македонија денеска ја промовираше веб страната www.avrm.gov.mk каде за прв пат на едно место ќе ја има понудата и побарувачката за работна сила.

На промоцијата на веб сервисот, министерот за труд и социјална политика Диме Спасов истакна дека овој портал ќе биде од големно значење за сите коишто бараат работа и оние коишто нудат.

„На овој начин сакаме да дадеме придонес кон подобрување на информираноста за можностите за вработување и мотивираноста на граѓаните за барање работа. Пред се, со овој проект се овозможува брз и релевантен извор на информации од прва рака, добивање информација во секое време и следење на огласите за работа на евтин и едноставен начин“, изјави Спасов.

Во моментов, рече министерот, во Македонија има 4.851 слободно работно место.

„Затоа сакам да ги охрабрам сите баратели на работа да бидат проактивни, што е можно почесто да ја отвораат и да ја користат веб страната, бидејќи само така ќе се постигне целта на динамичен и релевантен веб сервис“, истакна Спасов.

Посочи дека промотивните активности ќе се реализираат преку унформативни средби, развој на апликација за мобилни телефони со која ќе се информираат невработените за слободни места како и поставување на инфо табли.

Директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски на презентацијата на веб сајтот, апелираше до граѓаните кои бараат работа, прецизно и комплетно да ги внесуваат податоците.

„Сите оние што го оставаат свото CV на вебот на Агенцијата потребно е да ги пополнуват клучните податоци, зошто само така најлесно ќе дојдат до вработување“, посочи Поповски.

Кажа дека во наредните неколку дена ќе функционира и известувањето по смс и маил, каде барателите на работа ќе бидат информирани за слободните работни места за онаму каде што се регистрирале.

На новинарско прашање, Поповски истакна дека во моментов,  95.279 граѓани бараат работа, а намалувањето на бројката се должи на бројот на отворени работни места, бидејќи, како што кажа, стопанството полека закрепнува, а Македонија полека излегува од економската криза што ја зафати во 2008 година.

„Според овие показатели, се очекува секој нареден месец да се зголемува и бројката на вработени“, рече Поповски.