Традиционално, секоја година, верскиот празник „Св.Никола“ се слави и на месноста „Чекоштина“ каде повеќе од 15 години постои параклис посветен на славниот светител. Тука повеќе од една деценија доаѓаат христијанските верници од Охрид и околината кои го чествуваат големиот празник и го одржуваат како место за молитва.
Лоциран на прекрасно место кое пружи неверојатен поглед кон охридско-струшката околија и Охридското езеро, параклисот посветен на светецот „Св.Никола“ пред повеќе од 15 години го поставил нашиот сограѓанин Славе Најдески. Тој вели дека локацијата за параклисот како и светецот на кој треба да биде посветен ја одбрал по кажување на сон. Најдески додава дека во неколку разговори што порано ги водел со сега починатиот археолог Владо Маленко, добил информација дека пред повеќе децении на сегашниот простор на влезот на Охрид кај т.н. „петља“, постоела голема населба што се викала Козлук во чии рамки имало и црква „Св.Никола“. Додава дека врз темелите на некогашната црква, сега поминува регионалниот пат и дека лично од археологот Маленко слушнал дека постоењето на некогашната голема населба Козлук и црквата „Св.Никола“ е евидентирано во археолошките мапи.
Славе Најдески кажува дека во 2004 година бил оформен црковен одбор кој до општината и тогашниот градоначалник Николче Наумов, доставил барање и добил согласност за изградба на црквата во месноста „Чекоштина“ во место викано „Карпа“ до локалитетот „Козлук“. Со жалење, Најдески вели дека финансиите се најголемиот проблем со кој се соочуваат со години поради што и се одолговлекува изградбата на црквата. Тој додава дека, пред да биде изграден параклисот, на сегашниот пат се случувале бројни сообраќајни незгоди. Нив ги снемало откако на месноста „Чекоштина“ во близина каде постоела црквата, сега е поставен малиот христијански храм „Св.Никола“. Напоменува дека многу верници по молитвите, доживеале подобрувања на здравствената состојба.
Секоја година, на ова место се зголемува бројот на христијанските верници кои во декември, мај и јуни тука доаѓаат и го чествуваат зимскиот и летен верски празник „Св.Никола“.