Ќе се подигнува финансиската писменост на населението

Граѓаните ќе се едуцираат за користење на финансиските услуги и ризиците кои произлегуваат од нив. Народната банка, Министерството за финансии заедно со другите институции кои имаат надлежности во регулирањето на финансиските услуги почнуваат координирани активности со цел да ги едуцираат граѓаните за услугите што се нудат во финансискиот сектор и ризиците што произлегуваат од нив.

„Народната банка на Република Македонија веќе една година спроведува активности за едукација на населението. Досега беше опфатена најмалата популација, а сега активностите се насочени кон повозрасните ученици, а понатаму таргет ќе биде и возрасната популација“, беше истакнато при денешното потпишување на Меморандумот за сoработка меѓу НБРМ, Министерството за финансии, Агенцијата за супервизија на осигурување, Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување и Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија.

Целта е полесно да се остварат заедничките цели, бидејќи, од огромен интерес е да имаме население кое ќе ги разбира многу добро финансиските услуги што ги користи и на тој начин нема да влегува во непотребни ризици. На тој начин, се придонесува за избегнување и минимизирање на ризиците во финансискиот сектор, а со тоа се креира постабилен финансиски сектор.

Сите земји преземаат активности за да го едуцираат населението во ракувањето и користењето на финансиските услуги и дека искуствата во другите земји покажуваат дека едукацијата е потребна без разлика дали станува збор за развиена земја и без разлика на образованието на населението, бидејќи во последните годни има многу иновации во овој сектор што и оние што се упатени не можат да ги разберат.

Според вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески потпишувањето на овој меморандум е уште еден чекор во насока на зголемување на координацијата на регулаторните тела во насока на постабилен финансиски сектор и запознавање на јавноста со можностите што ги нуди финансискиот сектор.

„Верувам дека на ваков начин ќе придонесеме и во Македонија да се подигне нивото на финансиска писменост и на тој начин ќе се вклучиме во европските трендови кои почнаа особено по финансиската криза со цел да се зголеми нивото на финансиската писменост и да се намалат ризиците“, рече министерот.

Појасни дека преку едноставни брошури за учениците, преку предавања за учениците во средното образование, брошури за граѓаните и соработка со приватниот сектор ќе се настојува уште еднаш да се објаснат сите продукти што ги нудат финансиските институции  во Македонија и да се објаснат сите придобивки од тие продукти, но секако и да се објаснат ризиците што се нормални за одделни финансиски продукти и на тој начин граѓаните да може поинформирано да ги носи своите одлуки.

Потписниците на Меморандумот се согласија да се формира Координациско тело на регулаторните институции во Македонија за финансиска едукација. Улогата на Координациското тело ќе биде да покренува иницијативи до надлежните институции за донесување акти што ќе ја поткрепат идејата за финансиска едукација на населението во Република Македонија, да дефинира и да предлага заеднички проекти за финансиска едукација, да изработува стратегиски документи, да ги организира, да ги спроведува и да ги проценува анкетите за нивото на финансиска писменост во земјата и нивото на финансиска вклученост на населението во финансискиот систем во државата, да организира работни сесии, семинари и други видови обуки и настани, како и да промовира регионална и интернационална соработка.