Од 2014/2015 постдипломски студии на ФАМУ во Охрид

Од академската 2014/2015 година во Охрид ќе почнат постдипломски студии по филмско сценарио, според програмата на престижната Академија за филмска и телевизиска уметност-ФАМУ во Прага, кои ќе бидат дел од Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип.

Македонија е прва земја со која ФАМУ склучува ваков тип соработка. Идејата е од 2008 година, а почна да се конкретизира со неодамна потпишаниот меморандум со МОН за соработка за формирање мешовит тим. Во него, покрај други еминентни личности, ќе бидат актуелниот декан на Академијата  во Прага  Павел Јех и македонскиот режисер Иво Трајков, кој е професор на ФАМУ и амбасадор на македонската култура во Чешка.

Наставата ќе биде на англиски јазик, а дипломата ќе биде заедничка од УГД-Штип и ФАМУ-Прага. Најпрво ќе има само магистерски студии по сценарио, а потоа ќе се воведат за режија и за фотографија, како и додипломски студии.

Министерот за образование и наука Спиро Ристовски на прес-конференција рече дека според договорот, треба да се обезбеди опрема за теоретска и практична настава, да се адаптира соодветен простор во Охрид, за кој има две варијанти, да се обезбеди наставен кадар и да се адаптираат наставните програми согласно со стандардите и традицијата на ФАМУ. Претстои подготвителен период и се очекува до март програмата да биде официјализирана и акредитирана и да бидат познати деталите за упис.

„Програмите ќе бидат достапни не само за македонските студенти, туку и за студентите од регионот и пошироко, имајќи го во предвид големиот интерес за овие студии, но и ограничените капацитети и можности на ФАМУ во Прага, со што очекуваме Охрид да прерасне во регионален центар на ФАМУ“, истакна Ристовски.

Режисерот Иво Трајков посочи дека дипломата од ФАМУ е препознатлива и со неа се отворени вратите на филмската индустрија во светот, а на дисперзираните студии во Охрид таа ќе биде идентична како и во Прага.

„Таа диплома ќе биде заедничка со дипломата на ФАМУ и ќе биде идентична по квалитет, што е многу важно. Програмата ќе биде обезбедувана, гарантирана и контролирана од Академијата ФАМУ, што значи дека нејзиниот квалитет и квалитетот на предавачите ќе биде идентичен со програмата во Прага. Нема да се дозволи да е само продавање лиценца, зашто во светот има такви случаи, каде што е продадено само името. ФАМУ е национална установа со интернационална програма и самата академија нема можност да креира свои лиценцирани установи низ светот“, рече Трајков.

Додаде дека во Охрид може да конкурираат студенти од странство кои ги исполнуваат условите за упис на ФАМУ во Прага, но кои поради ограничениот капацитет нема да бидат примени во Чешка.

МОН и ФАМУ соработуваат три години во кои 11 македонски студенти добија стипендии за студирање на познатата филмска академија – четворица за додипломски и седум за втор циклус студии, од кои тројца и ги завршија.

ФАМУ е основана во 1947/1948 и е петта најстара филмска школа во светот. Од неа произлегле познати имиња во филмот и литреарурата, како Милош Форман, Милан Кундера, Јиржи Менцл, Вацлав Хавел, Лордан Зафрановиќ, Емир Кустурица.