Четворица скијачи загинаа во лавина на Алпите

Најмалку четири скијачи загинаа, а двајца се тешко повредени во снежните лавини во француските и швајцарските Алпи, соопшти полицијата.

Во близина на швајцарскиот ски центар Сент Мориц, скијач од непозната националност излегол од обележаните патеки и загинал во лавина на падините од Пиз Наир. Инцидентот се случил само еден ден откако 27-годишен скијач од Ирска загинал во снежна лавина во централна Швајцарија.

Пребарувањето било отежнато поради лошите временски услови, се наведува во соопштението од полицијата.

Регистрирана е уште една лавина кај Сент Мориц, но не се знае дали имало скијачи во близина.

На француските Алпи, 50-годишен чувар на планинските куќи загинал откако го затрупал снег кај местото Куршевел, додека пак неговиот син ја преживеал несреќата.

Во уште еден инцидент во областа Сер-Шевалие, еден тинејџер бил затрупан со снег, бил пронајден и пренесен во болница во Гренобл, каде починал по неколку часа.

Уште двајца скијачи повредени во лавини се наоѓаат во критична состојба.