Минатата недела, поточно на 23-ти во Тирана – Р.Албанија беше остварена работна средба помеѓу претставници на албанската и македонската полиција како и претставници од Министерството за култура на Р.Македонија, во врска со поголем број на икони и црковни предмети кои беа пронајдени и одземени во рамките на полициската акција која ја спроведе албанската полиција во Тирана во октомври годинава.
Притоа, поради основано сомнение дека дел од иконите и црковните предмети се украдени и потекнуваат од територијата на Р.Македонија од страна на македонските претставници беше извршен увид на истите при што идентификувани се вкупно 20 икони кои потекнуваат од Р.Македонија односно најверојатно се украдени од црквите од селата Радожда, Буринец и Селце од Струшкиот регион како и селата Ѓавато и Перово од Битолскиот регион.
Исто така, помеѓу идентификуваните предмети се и царски двери кои претходно биле исечени, но истите се составени од страна на слбански експерти-историчари на уметност.
За дел од идентификуваните икони веќе се публикувани монографии и научни трудови меѓу кои две икони кои се лично изработени од страна на Дичо Зоограф, а три икони кои потекнуваат од црква во с.Радожда – Струшко (Исус Христос со книга, Богородица со дете и Св.Никола) од страна на ИНТЕРПОЛ веќе се објавени за украдени.
Од страна на албанскиот Јавен обвинител, а за потребите на Судската истрага која се води во Р.Албанија, побарано е најдоцна во рок од 15 дена да биде доставена документација – досие за потеклото на секоја икона посебно. Во координација со претставници од Министерството за култура во тек е изготвување на наведената документација која во прилог ќе содржи и научна публикација каде се објавени иконите.