ВМРО-НП со забелешки за буџетот за 2014

ВМРО-НП Охрид на денешната прес-конференција се осврна кон претстојниот буџет за 2014 година на Општина Охрид. Како што беше речено на прес средбата буџетот за оваа година е поголем за 170 милиони денари од оној од 2013 година.

„Во буџетот се предвидени 120 милиони денари од кредити, дури и без нив буџетот е поголем за нецели 50 милиони денари и без кредитите. Се надеваме дека нивната власт од Скопје нема да ги извиси како во 2013, кога не ги добија кредитите и Општината остана покуса. Се надеваме дека министерот Ставрески нема да ги извиси и да биде градоначалникот во немилост како што беше во 2013.“ – рече претседателот на ВМРО-НП Охрид, Ванчо Костоски.

Костоски рече дека има и зголемување од фирмарина и запраша дали тоа ќе значи зголемување на таксата за фирмарина.

„Како приходи има зголемување од фирмарина, ако сите знаеме дека заради големата сиромаштија секој ден се затвораат фирми, во буџетот на општината предвидено е зголемување од 600 000 денари по овој основ.  Дали тоа значи дека ќе се зголеми таксата за фирмарина? Во 2014 најверојатно ќе има и масовни поскапувања бидејќи во буџетот ДДВ дотациите се предвидени да се зголемат со 9 милиони денари. Дали е тоа реално или тоа е предвидено да дојде од цените што ќе растат во следната година. Во ставките за трошоци на администрацијата во 2014 година има зголемување од 124 милиони на 134 милиони. Што влегува тука? Зголемување на вработените, бидејќи овие 10 милиони се наменети за плати што пак значи дека паднаа во вода обвинувањата на движењето, бидејќи тие тврдат дека имало превработеност.“ – додаде Костоски.

Притоа Костоски додаде дека капитални расходи како ставка се најинтересни и најмистериозни.

„Тука од 3,6 милиони ставката скокнала на 12 милиони, а од програмата не можеме да видиме за што се тие пари бидејќи ги нема во програмата, па вака останува нејасно за што ќе се трошат овие 12 милиони денари. За да не бидеме безидејни како што не нарекуваат портпаролите од општинската админситрација ние ќе поднесеме мноштво амандмани. Најважен е проектот во образованието „Топол оброк за сите деца“, со кој е предвидено децата да не јадат смоки, ладни сендвичи и чипс, туку да се вклучат во здрава исхрана. Предвидуваме да се отворат заборавените мензи кои постоеја во училиштата, каде ќе се припрема топол оброк по стандарди, со предвидени протеини, минерали и витамини. Охрид ќе дава по  5 евра субвенција за ваков топол оброк, или годишно 15 милиони денари да издвојува за да субвенционира топол оброк, а во тој проект треба да влезат околу 300 деца кои се социјално загрозени и на кои ќе им се покрива целосно топлиот оброк.“ – истакна Костоски.

Како што рече Костоски како амандман ќе се даде и проектот за фото централи. Од ВМРО-НП предвидуваат 70 000 евра за да се стартува со градба на централите на сончева енергија, а како што кажаа со тоа и ќе се овозможи енергетска независност на општина Охрид.

На прес средбата од ВМРО-НП  рекоа дека намалена е и ставката за спорт.

„Оваа Локална самоуправа во своите предизборни програми кажа дека ќе се води сметка за спортот, а за жал намалена е ставката за спорт. Во 2013 беа предвидени скоро 16 милиони денари, а намалувањето на ставката за спорт е 8 милиони денари. Во толку зголемен буџет, тие го намалија спортот. Во програмата постои само изградба на одбојкарско игралиште на песок и други проекти нема. Нема предвидено никакво друго игралиште. Драстично се намелни ставките, на пример за спортови на вода се предвидени само скромни 100 илјади денари, а толку до сега даваа само за малиот пливачки маратон. Ова е почеток на гаснење на многу спортови“. – рече советникот на ВМРО-НП, Јоне Станковски.

WebOhrid