Одбележан патрониот празник на ОЕМУЦ „Св.Наум Охридски“

Синоќа со свечена програма беше одбележан патрониот празник на ОЕМУЦ“Св.Наум Охридски“.

Поздравен говор одржа директорот Јане Цаноски, а беа доделени признанија и награди за најуспешните во колективот. Свеченоста беше збогатена со музичка и драмска изведба која специјално за оваа пригода ја подготвија учениците и наставниците на ОЕМУЦ „Св.Наум Охридски“. Свој настап имаше и охридската музичка звезда и поранешен ученик на училиштето Боби Мојсоски.

„Името на Свети Наум ја краси историјата на христијанството и низ вековите беше извор на чудотворна сила и засолниште за болните и за неволните. Беше мудар учител, одлучен подвижник, чудотворен молитвеник и духовник.

Сите ние кои денес ги уживаме придобивките од неговата цивилизаторска мисија, со гордост и почит се сеќаваме на неговото дело.

Ученикот е центар на сите наши заложби и ангажирања. Нашите приоритети во сите степени и форми на образование се: квалитетни образовни услуги, култура на однесување и надминување на стереотипите.

За стопанството и високошколските институции подготвуваме стручно оспособени кадри од електротехничката, машинската, сообраќајната струка и лични услуги.

Посветени сме на младиот човек, со желба од него да создадеме корисен граѓанин кој ги знае своите права и одговорности, знае да го цени секој без разлика на пол, раса, култура, национална и верска припадност како и социјална положба.

Нашата визија е да стекнеме креативна и безбедна средина во која со користење на современата образовна технологија ќе обучуваме кадри од областа на техниката конкурентни на пазарот на трудот во регионот и пошироко. 

Сите ние сме дел од ЕМУЦ – во “неговиот“ век на секому од нас, кои сме на било кој начин поврзани за овој центар, му припаѓаат неколку мигови. Уверен сум дека уште многу генерации со своите моменти ќе допринесат во неговото вековно траење“. – истакна директорот Јане Цаноски во својот говор пред присутните.