Во текот на 51-вата недела од 2013 година (од 16.12 – 22.12.2013 година), во Република Македонија, на групните пријави за грип се пријавени 161 лице со симптоми на грип.
Во споредба со бројот на заболени за 51-вата недела од минатата сезона (40), се бележи зголемување за 4 пати, а во однос на просечниот број заболени во изминатиот 10-годишен период (48), се регистрираат 3,4 пати повеќе заболени лица.
Вкупниот број на заболени од грип во републиката од почетокот на сезоната 2013/2014 (40 недела, 2013) заклучно со 51-ва недела, изнесува 746 лица. Во овој период нема регистрирани смртни случаи асоцирани со инфекции со вирусот на грип.
Во споредба со истиот период минатата година (509), постои зголемување на вкупниот број на заболени лица за 46,6%, а во однос на просекот за истиот период во последните 10 години (186), зголемувањето на бројот на заболени во оваа сезона изнесува 4 пати.
Дистрибуцијата на заболените од грип по месеци,укажува на тоа дека во трите недели од месец декември има пријавено најголем број на случаи (375) со симптоми на грип во однос на претходните два месеци од почетокот на сезоната.
Најголем МБ во оваа сезона е регистриран во ПЕ Пехчево (36,6/10.000), а најголем број на заболени (176) се регистрирани на територијата на ЦЈЗ Тетово.
Бројот на заболени и морбидитетот по возрасни групи, во сезоната 2013/2014 е прикажан во Табела 1. Најголем број на заболени се пријавени во возрасната група од 15-64 години (406), иако МБ во оваа група е најмал (2,8/10.000), а најголем МБ е регистриран кај најмладите – децата до 4-годишна возраст и изнесува 9/10.000 жители:
Во текот на 51-вата недела, пристигнати се пет материјали за тестирање во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ и потврдено е присуство на инфлуенца вирус А/H1 во еден материјал, а останатите четири се негативни.
Од почетокот на сезоната 2013/2014, во оваа лабораторија се пристигнати вкупно 21 хуман материјал од здравствените установи – од амбулантски и болнички лекувани пациенти, од кои 6 или 28,6% биле тестирани позитивни на вирусот на инфлуенца А/H1.
До крајот на 51-вата недела, против сезонски грип се вакцинирани вкупно 23.970 лица и со тоа, потрошени се сите набавени вакцини во јавно-здравствените институции кои се овластени за вакцинација против грип.
Во извештајот за движењето на вирусот на грип во сезоната 2013/2014 во Европа, според информациите на електронскиот неделник на WHO – Euroflu за 50-тата недела, активноста на вирусот на грип останува ниска и на пред-сезонско ниво, со спорадична детекција на вирусот главно во западните европски земји. Бројот на случаите на заболени од influenza A(H3N2), influenza B и influenza A(H1N1)pdm09 полека расте, а најзастапен е вирусот influenza A. Продолжува да расте и детекцијата на респираторниот синцицијален вирус, но сепак детекцијата е на пониско ниво од минатогодишното.
Во текот на 50-тата недела, бројот на позитивни резултати од тестираните примероци почна полека да расте. Од тестирани 7.241 примероци од лица со заболувања слични на грипот (ILI), акутни респираторни инфекции (ARI), како и тешки акутни респираторни инфекции (SARI), 164 или 2,3% биле позитивни за грип, а од нив 92% биле позитивни на influenza A, додека 8% на influenza B.
Од почетокот на сезоната се детектирани и типизирани 854 примероци на вируси на грип. Од нив, 22% се типизирани како influenza B и 78% како influenza A. Од influenza A типизираните наоди, 434 се субтипизирани – од нив 210 (48%) се A(H1N1)pdm09 и 224 (52%) се A(H3N2). Од почетокот на сезоната па до крајот на 50-тата недела, три земји пријавија доминатен инфлуенца вирус за оваа сезона, и тоа: Норвешка (influenza A), и Италија и Шпанија (A/H3N2).
Почнувајќи од 40-тата недела во 2013 година, 3 земји – Германија, Полска и Велика Британија (Англија) антигенетски диференцирала 13 вируси на грип: 9 (A(H1N1)pdm09), 2 се A(H3N2) и 2 influenza B, а седум земји од европскиот регион (Шведска, Финска, Данска, Холандија, Шпанија, Португалија и Норвешка) генетски диференцирале 57 различни подтипови на вирусот на грип (25 A(H3N2), 26 A(H1N1)pdm09 и 6 influenza B).
Слично како и во претходните недели, сите земји кои доставиле податоци за 50-тата недела од 2013 година, известуваат воглавно за стабилен тренд на ILI инфекциите, без или со ниска активност на вирусот на грип, што одговара на истиот период од минатата година.
Во земјите кои испратиле извештај за 50-тата недела, бројот на хоспитализирани болни од тешки акутни респираторни инфекции (SARI) почна полека да расте, но сéуште се наоѓа на меѓусезонско ниво.