Ристовски: Образовните реформи продолжуват во 2014 година

Во образованието и 2014 ќе биде реформска и година со крупни проекти за чие спроведување Министерството ќе има една милијарда денари поголем буџет од 2013-та, односно 22,4 милијарди денари, што е за околу 60 отсто повеќе од буџетот што овој сектор го имал во 2006 година.

Ресорниот министер Спиро Ристовски е задоволен од постигнатото во ресорот што го раководи седум месеци. Издвои четири проекти што ја одбележале годината – воведувањето на комплексниот процес екстерно тестирање, кое опфати 200.000 основци и средношколци, потпишаниот  договор со Кембриџ за наставни програми и учебници кои се очекува да влезат во училиштата од септември, првпат меѓународна ИБ-програма во Македонија (како пилот-проект во скопските основни „Браќа Миладиновци“ и „Кирил и Методиј“) и капиталните инвестиции  – пет нови училишни згради (во Аеродром, Вевчани, Хром, Чаир и Арачиново), шест монтажни/модуларни училишта и отворени 12 спортски сали.

„Очекувам 2014 да биде година во која ќе се зголемат активностите во образованието во секое поле, посебно во делот на инвестициите. Имаме покачен буџет, планиран на 22,4 милијарди денари, што е за 60 отсто повеќе од буџетот во 2006. Со ова јасно покажуваме дека образованието ќе остане врвен приоритет на Владата на РМ. Јас сум искрен и реален. Не велам дека ситуацијата е совршена во образованието во Македонија, но како ресорен министер уверувам дека заедно со мојот тим во МОН ќе дадеме максимум во 2014 да ги подобриме уште повеќе условите и ќе работиме напорно“, истакна министерот Ристовски на отчетната прес-конференција.

Во 2014 ќе почне нов концепт на државната матура со воведување трет екстерен предмет по избор на матурантот. Ќе биде преодна, подготвителна година, зашто од 2015 третиот задолжителен екстерен предмет ќе биде математика.  Најавената реконструкција на студентските домови се очекува да почне во лето, кога студентите ќе бидат на распуст, најпрво со санација на блокот Б на домот „Гоце Делчев“.

Во првиот месец од новата година ќе се спроведе екстерно тестирање за учениците во завршна (трета или четврта) година средно (22-ри и 24 јануари), објавување ранг-листа на наставници кои отстапиле во оценувањето на екстерното тестирање и кои ќе имаат помала јануарска плата, односно наградени кои немале отстапувања. До 15 јануари се очекуваат и резултатите од второто рангирање на македонските високообразовни институции според критериумите на универзитетот Џаотонг од Шангај.

Министерот Ристовски им се заблагодари за поддршката на наставниците и на учениците –  наставниците зашто биле сојузници во спроведувањето на реформите, а на учениците  и нивните семејства зашто се директно засегнати од реформите.

За околу 280.000 основци и средношколци утре почнува зимскиот распуст. Во училишните клупи учениците ќе се вратат на 20 јануари.