Со спектакуларен огномет, со музика и смеа на градскиот плоштад во Охрид, огромен број охриѓани и гости претежно од соседството ја испратија старата и дочекаа Новата 2014 година. За подигнување на адреналинот и доброто расположение се погрижија естрадните уметници Викторија Лоба, Ламбе Алабакоски, Наум и Анастасија Петрески, Зуица Лазова, Групата Синтезис и оркестарот Агушеви.
На најлудата ноќ во годината на плоштадот меѓу своите сограѓани беше градоначалникот Никола Бакрачески кој на неколку минути пред полноќ на сите охриѓани и бројните гости им посака здрава, среќна и успешна 2014-та година исполнета со радост и среќа во срцата и домовите.
„Јас како Градоначалник и Локалната Самоуправа не можеме веднаш да ги решиме сите проблеми кои се таложеле со години, но ветувам дека ќе дадам се од себе и ќе ги ангажирам сите вработени и ресурси со кои располага Охрид, за во овој гад да продолжат започнатите процеси на воведување нови вредности и стандарди во неговиот развој. Почитувани сограѓани влегувањето во новата година , претставува желба а нов почеток , нова енергија и надеж, нови успеси но и предизвици кои ќе треба да се надминуваат . Ова се празнични моменти исполнети со желби за здравје, спокој, оптимизам и разбирање. Моменти кога празничната атмосфера не прави блиски до нашите семејства, пријатели, соработници. Ова се моменти на солидарност и заедништво. Во 2014-та година посакувам да сте посреќни и поуспешни во реализација н оние планови кои не успеавте да ги завршите во 2013 година. Да направиме се за да ги решиме проблемите кои заеднички можеме да ги совладаме , да се потрудиме да го изградиме Охрид како заеднички дом во кој ќе владее напредокот и разбирањето и секој од нас да биде креатор на поперспективна иднина. Јас лично и моите соработници ќе продолжиме да ги реализираме проектите кои ви ги ветивме и ќе го дадеме нашиот максимум во реализација на зацртаните цели. Ви посакувам среќна и успешна 2014-та година. Вашите домови нек асе исполнети со радост и среќа а вашите срца со топлина и љубов. Среќни празници!“ – рече Бакрачески.
Понудените содржини во организација на Локалната со задоволство и радост беа примени од бројната публика која до раните утрински часови играше, пееше и се забавуваше а најмладите се лизгаа на лизгалиштето.
Среќна 2014-та година!