За студентите поевтини ски-карти во Маврово

Министерот за образование и наука Спиро Ристовски и управителот на ски центарот „Заре Лазаревски“, Огњан Циговски, информираа дека оваа зима, сите заинтересирани студенти од државните и приватните универзитети во земјава ќе добијат попуст од 30% на дневните ски карти во Маврово.

„Ова е една одлична можност за сите граѓани и љубители на белиот спорт со статус на студенти, коишто веќе одлучиле зимскиот одмор или пак некој од викендите да го поминат токму во Маврово, но и за оние кои сеуште не одлучиле, понудата е интересна и атрактивна за да се рекреираат, да се дружат и забавуваат на една од нашите најубави планини – Бистра, притоа заштедувајќи средства.“ – истакна министерот Ристовски и додаде дека Министерството за образование и наука ја поздравува и поддржува оваа иницијатива на ски центарот, имајќи го во предвид значењето на скијањето, од аспект на спортување на отворен простор и на чист планински воздух.

Управителот на ски центарот „Заре Лазаревски“, Огњан Циговски, нагласи дека оваа сезона, студентите се една од нивните поголеми целни групи, а за следната година најави промотивна карта и за средношколците.

„Оваа година се продадоа околу 490 годишни ски карти од 10 илјади денари, кои се покажаа атрактивни. Годинава имаме друга промотивна карта – студентската ски карта, која во високата сезона ако чинела 1.100, сега ќе биде 800 денари. Во ниската сезона по 20 јануари, од понеделник до петок ќе чини 650 денари“ – рече Циговски и напомена дека за празниците во Маврово сите капацитети се исполнети.  

За да го искористат попустот, студентите ќе треба да приложат индекс или студентска легитимација.