Лабораторијата за тестирање мебел – пример за комерцијално работење

Лабораторијата за тестирање мебел, инсталирана пред четири години на Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер, е пример за комерцијално работење. Со услугите што им ги дава и наплаќа на производителите на мебел, за околу пет години се очекува да ги врати парите кои во неа ги вложи Владата преку проектот за набавка и опремување лаборатории на јавните високообразовни институции.

Неа денеска ја посети министерот за образование и наука Спиро Ристовски, кој ги повика и другите факултети и институти сопственици на лаборатории да го забрзаат процесот на акредитација,  која ќе им донесе дополнителни средства – и за лабораторијата и за факултетот – а  ќе им ги намали трошоците на компаниите кои  своите производи ќе може да ги тестираат во Македонија, а не во странство.

„Од 80 набавени лаборатории, 47 треба да подлежат на процес на акредитација. Во комуникација со Институтот за акредитација во РМ, досега постапката за акредитирање ја почнале 22 лаборатории.  Очекувам во наредните неколку недели постапката да ја почнат и другите лаборатории, со крајна цел да обезбедиме комплетно акредитирани лаборатории кои ќе помогнат за општеството и за развој на научно-истражувачката дејност и на бизнис-заедницата. За пет години со ваква комерцијална активност, оваа лабораторија ќе ја врати инвестицијата за нејзината набавка. Доколку сите се акредитираат и почнат процес на нивна комерцијализација, во просек од три до пет години ќе може да ја повратат инвестицијата“, изјави Ристовски.

Лабораторијата за тестирање мебел е изградена во 2009, опремена во 2010, а акредитирана во јули 2011, кога почнала да работи со 18 акредитирани постапки.

„До оваа година имаме акредитирано повеќе од 20 постапки и лабораторијата веќе работи комерцијално. Стопанствениците не препознаа, не само домашните, туку има интерес и од државите околу нас“, рече деканот на факултетот Борче Илиев, кој е задоволен од економскиот ефект, особено во 2013 година.

Според досегашните испитувања, додаде тој, производите за мебел кои доаѓаат на тестирање се релативно квалитетни, а тие со проблеми се коригираат по техничката проверка во лабораторијата. Таа опслужува голем број домашни и странски производители на мебел, вклучително и за изработка на инвентар за училишта.