Ново извлекување за наградната со фискални на 27 јануари, трошоците двојно пониски преку пошта

На 27 јануари ќе се одржи второ извлекување од наградната игра „Фискална во рака, награда без мака“. Учествуваат сите фискални сметки издадени по 15 ноември, кога почна наградната игра, а ќе може да се испратат по пошта за половина цена односно по осум денари за плик. За таа цел Македонски пошти изработи наменски марки за наградната игра кои се пуштени од денеска во промет, а чинат осум денари.

„На ваков начин граѓаните ќе можат да ги испратат пликовите за двојно пониска цена“, рече вицепремирерот и министер за финансии Зоран Ставрески на промоцијата на новите поштенски марки, кој очекува поголемиот дел од пликовите да бидат испратени преку пошта.

Очекува и натаму да има голем интерес за наградната игра и оти со неа се придонесува на подобрување за фискалната дисциплина, за изградба на училишта, болници и се она што се финансира од буџетот.

Покрај поштата и за второто извлекување ќе биде поставен пункт за пуштање на пликовите, а како што информираше вицепремиерот, се водат и разговори за поставување пунктови во поголемите трговски центри и маркети не само во Скопје, туку и во другите градови во земјата.

Според генералниот директор на Македонски пошти Рафиз Алити, одлуката за издавање марка е со цел да се придонесе за реализацијата на наградната игра. Посочи дека за првото извлекување пеку поштата биле испратени над 300.000 пликови за наградната игра.

Во второто извлекување главната награда е автомобил фолксваген поло, а има и 150 парични награди од 1.000 до 60.000 денари. Граѓаните можат да ги испраќаат пликовите до 26 јануари на полноќ.

Наградната игра почна на 1 декември, а првото извлекување се одржа на 30 декември кога главна награда беа стан и дуќан во Скопје. Ќе има вкупно девет извлекувања.

Приредувач на наградната игра „Фискална во рака-награда без мака“ е Државната лотарија на Република Македонија, под покровителство на Министерството за финансии.