Над 9.000 лица годинава ќе бидат опфатени со владините програми за намалување на невработеноста, за што се одвоени буџетски средства од 525.788.240 денари. Од нив над 4.000 ќе бидат директни вработувања. Меѓу мерките најдобри резултати дава програмата за самовработувања со која досега се финансирани за почнување бизнис е 5.806 лица. Најчести бизниси кои се поддржани се во угостиелството, услужните дејности, производството, градежништвото…, а процентот на вработливост е 85.
Огласот за оваа програма за 2014 година е објавен денеска и се однесува на 950 лица. Крајниот рок за доставување на пријавите е 24 јануари.
„Ги охрабрувам сите евидентирани невработени лица како активни баратели на работа, кои имаат бизнис идеи и кои сакаат да ги реализираат, кои своето вработување сакаат да го решат со финансиска поддршка преку Програмата за самовработување да ја искористат оваа шанса, да се пријават во работните клубови на центрите за вработување бидејќи оваа мерка за самовработување е одлична можност да се реализира идејата и визијата, да се стартува нов бизнис и да се постигне успех, да се обезбеди сопствено вработување, но и да се отворат нови работни места исто така и профит“, рече министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.
Може да се пријават сите невработени лица кои бараат активно работа. – Сите лица кои се изјасниле во Агенцијата за вработување дека сакаат да учествуваат во оваа програма денеска до 14 часот ќе добијат СМС порака за да се известат за огласот, појасни директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски.
Посочи дека во моментов активно бараат работа 96.685 лица. Потенцира дека е важно и што од пасивната листа на активната се префрлиле 5.400.
Министерот Спасов рече дека со владините програми лани биле опфатени 9.000 лица и оти се остварени 4.000 вработувања што е доста солиден резултат.
Во мерките, односно во усвоениот оперативен план, приоритет имаат загрозените категории на граѓани, како и долгорочно невработените и младите до 29 години. Покрај ова предвидени се и Пилот програма за вработување на припадниците на ромската етничка заедница и Пилот програмата – инкубатор на занаетчии за кои исто така се очекува дека ќе дадат свои резултати.