Кристално чист е договор за лизгалиштето, на кој што некој од неразјаснети најверојатно за нив познати политички причини сакаше да му фрли определени сенка. За нас , негова верификација се секојдневните детски насмевки и задоволството на бројните охриѓани кои секојдневно го посетуваат лизгалиштето. Ние како локална Самоуправа максимално ја остваривме целта, рече на денешната средба со новинарите Секретарот на Општината, Димитар Спасески, кој по обвинувањата на советникот од ЛДП Дејан Блажески за наводно нелегално потпишување на договорот за закуп на лизгалиштето. За ширење на клевети и лаги, Секретарот Спасески најави дека ќе превземе соодветни законски мерки против советникот Блажески.
„Сакам да ве известам дека веќе имав состанок со мојот адвокатски тим од кој побарав да ги преземат сите законски дејствија кои што се однесуваат на поведување постапка за клевета против Дејан Блажески затоа што моето име беше споменато во контекст на тоа дека сум потпишувал некаков договор а уште повеќе беше предимензионирано дека тој договор за реализација на проектот практично претставувал некаква си афера. Тоа е апсолутно неточно и од тие причини јас ќе ги поведам апсолутно сите мерки кои законот ми ги дозволува за да го заштитам сопственото име и углед“, потенцира на почетокот на средбата Секретарот Спасески, осврнувајќи се на деталите околу законското потпишување на договорот.
„Проектот започна на иницијатива на Секторот за Туризам и Локален економски Развој. Имено ние како локална самоуправа си поставивме пред себе една задача да градскиот плоштад изгледа поинаку отколку што изгледал во минатото. Земајќи го во предвид фактот за празниот плоштад Локалната Самоуправа пристапи во изнаоѓање на соодветно решени за обезбедување нова содржина а со тоа и постигнивање на масовност. За таа цел на 5.12. 2013 година Секторот за ТЛЕР доставува до градоначалникот барање за издавање одобрени за поставување урбана опрема. Постапувајќи по тоа барање најпрво Секторот за урбанизам, доставува до ТЛЕР извод од програма за урбана опрема каде со зелена боја е обележан просторот на кој се наоѓа лизгалиштето. Значи, лизгалиштето е предвидено со програмата за поставување на урбана опрема. Врз основа на тој извод Секторот за урбанизам издава одобрение за поставување на урбана опрема . Значи се одобрува на ТЛЕР поставување урбана опрема на јавни пешачки површини, презентација на лизгачки спортови на плоштад Св. Климент Охридски, решение потпишано од градоначалникот Никола Бакрачески. Откако Секторот за ТЛЕР ја обезбедува дозволата за поставување на урбаната опрема до градоначалникот Бакрачески доставува на 23. 12 2013 година барање со кое што се бара од градоначалникот да склучи спогодба за деловно – техничка соработка со економски оператор кој што понатаму ќе работи со наведеното лизгалиште. Се склучува спогодбата за деловно техничка соработка помеѓу општина Охрид и ДОЕЛ Маредо од Охрид. Оваа фирма е овластен претставник на СОЛКАФ ГМБХ од Виена Австрија. За тоа да се потврди доставен е договорот кој што е склучен меѓу австриската компанија и Маредо ДОЕЛ – фирма која е овластена да стопанисува со лизгалиштето во име на СОЛКАФ груп. Врз основа на ова фирмата Маредо добива фискална каса од страна на Управата за Јавни Приходи“, истакнува секретарот Спасески.
Дополнително до Општината од СОЛКАФ груп пристигнува и известување во кое што се укажуваат дека лизгалиштето може слободно да се користи од Општината односно дека локалната нема обврска да плаќа никаков закуп за тоа. Инаку, во известувањето наведени се две општини во Република Македонија. Првата истото лизгалиште го користела од 11. 1. 2010 година за вкупен износ од 66 000 евра, а втората општина го користела во период од 27. 10 2011 година за износ од 32.500 евра. Општина Охрид лизгалиштето го користи за нула евра , денари. Односно по тој основ не се произведуваат никакви обврски.
Согласно договорот за деловно техничка соработка, Општина Охрид и приватната фирма која го стопанисува лизгалиштето се договориле дека на 23- 24 декември во текот на целиот работен ден лизгалиштето ќе биде бесплатно за сите граѓани. Од 23 декември до траење на спогодбата ќе има бесплатни термини за сите деца од социјално ранливи категории . Од 8. 1 до 10. 2. 2014 за учениците во основните училишта се обезбедени термини во траење од 2 до 4 часа кои се бесплатни. По овој основ Општината очекува околу 5 000 наши млади сограѓани односно основци и деца од социјално ранливи семејства како и членови на различни здруженија на граѓани кои што функционираат во градов да се лизгаат бесплатно.
„Ако направите една груба математика околу 5 000 деца ќе добијат од прилика по 3 бесплатни термини, односно доаѓаме до една бројка од 15. 000 бесплатни карти .Ако се направи пресметка од 1,5 евро колку што е пазарната вредност ќе дојдете до една бројка од 22-23 000 евра, и тоа се пари кои што Општина Охрид ги има заштедено од сопствените граѓани и овозможува ова лизгалиште да биде практично достапно за секој граѓанин. Сите знаеме дека за користење на лизгалишта во други градови се плаќаат многу повисоки цени по час. Самата цена со сите претходно споменати активности е субвенционирана и изнесува само 100 денари за час“, рече Секретарот Спасески.
Денес секретарот Димитар Спасески, јавно обелодени што значи да се потпишуваат штетни договори и кој истите ги реализирал.
„Кога зборуваме за криминални договори јас во моментов ќе ви кажам што значи да се направи еден штетен договор. Во Општина Охрид за периодот од 15. 1. 2013 до 31. 3. 2013 година направен е договор за дело со лицето Александар Блажески од Охрид кој е брат на Советникот Дејан Блажески. Според овој договор Општина Охрид на ова лице има обврска да му исплати надоместок во висина од 30.000 денари месечно. За ова лице нема евиденција во Локалната самоуправа дека некогаш се појавил на своето работно место. Исто така не знаеме каква функција остварувал, дали бил раководител на сектор или остварувал некоја висока позиција со оглед на тоа што земал висок хонорар. Овој договор веќе бил предмет на интерес на трудовиот инспектор кој што заклучил дека во општина Охрид биле склучени 79 договори за дело и 78 договори за вработување преку Агенција за привремени вработувања за кои што нема евиденција дека лицата ги исполниле своите работни задачи.“ истакна Спасески.
Луѓето кои сакаат да постават дамка на лизгалиштето кое е одличен проект, јасно покажуваат дека власта ја партиципираат за згрижување на своите најблиски и за тоа ја бараат довербата од граѓаните, рече на крајот на средбата секретарот Спасески кој укажа на тоа дека охриѓани ги препознаваат вистинските вредности и можат да проценат кој работи за интерес на Охрид и охриѓани.