Вевчанскиот карневал – дел од македонската богата традиција

Вевчанскиот карневал е дел од нашата богата македонска изворна традиција која сите ние љубоморно и грижливо ја чуваме и ја пренесуваме на секоја нова генерација, порача министерката за култура отворајќи го главниот карневалски ден во Вевчани.

„Секоја година василичарите-учесници на карневалската прослава под маски, со својата иронија, од чудниот спој на паганското и современото создаваат празник за очите и душата и низ својот уникатен карневалски ритуал ни нудат своја слика за времето во кое живееме“, истакна Канческа-Милевска.

Вевчанци, додаде таа, освен сопствените валута, република и пасоши, создадоа и свое годишно време – Карневалот, преку кој порачуваат дека се народ што има обичаи и традиција кои не изумираат.

„Токму затоа, Министерството за култура веќе девет години го поддржува овој настан, препознавајќи ги вистински вредности на Вевчанскиот карневал, кои се дел од македонската култура и традиција. Нашата поддршка нема да изостане и во иднина, ќе останеме верни поддржувачи на овој карневал, кој секоја година се повеќе го зголемува бројот на своите гости од целиот свет“, изјави министерката за култура Канческа-Милевска, посакувајќи на карневалот да опстои уште многу години и да биде синоним на слободниот дух и гордоста на Вевчанци, но и на сите граѓани на Република Македонија.

Пред повеќеилјадната публика од повеќе градови во Македонија и од странство, продефилираа најразлични костими кои измамија насмевки и еуфорија.  Покрај традиционалните Зет и Невеста и Глупавиот Август, можеа да се видат и баби на скии, крстоносци, плашила, но и принцези и вештерки. Меѓу поатрактивните беа и оние за индискиот милијардер Субрата Рој. Во фокусот на василичарските маски беа и темите за наградната игра со фискалните сметки, за  Европската унија,  Букурешкиот договор, како и чудовиштето „Тендер-анекс“.

Околу полноќ треба да биде прогласена и најдобрата групна маска што беше традиција и повторно се воведува оваа година, а победниците ќе бидат наградени со буре црвено вино „Вевчанска керв“.

Карневалот завршува утре на празникот Свети Василиј, кога на зајдисонце, традиционално се палат маските, што симболизира уништување на злото, прочистување од лошите духови и влегување со чиста душа во новата година која започнува од тој ден според стариот календар.

Вевчанскиот карневал и годинава се одржува под покровителство на Министерството за култура, а во организација на Општина Вевчани и со поддршка на повеќе компании.

vevcani_2014_012aa640