Со спектакуларен огномет, како што впрочем и доликува, вчеравечер Вевчанци го дочекаа големиот празник Василица (Стара Нова Година) и со весело расположение какво што може само таму да се забележи и доживее ја дочекаа Новата Година по стариот календар.
Музичките настапи на македонските ѕвезди Ефто Пупиновски, Миле Кузмановски и Сузана Спасовска го заокружија Вевчанскиот Карневал 2014 кој што оваа година според Вевчанци ги надмина сите рекорди на посетеност.
Вистински театар на улица вчера се случуваше во Вевчани кога традиционално Василичарите преку своите маски сатирично направија осврт на случувањата во политичкиот но и естрадно забавниот живот во државава. Субрата Рој, Есма Реџепова, пензионери на скии и секако Глупи Август, младоженец и невеста, беа само дел од маските со кои Долна Маала и Горна Маала ја поздравија и ја насмеаја толпата дојдена да го доживее Вевчанскиот карневал.
„Задоволството да се видат своите жители и посетителите на Општината како со весело расположение уживаа во богатата музичка програма, но и во останатите содржини на Вевчански карневал, е огромно. Докажавме дека можеме да направиме карневал кој може да се носи рамо до рамо со светските, дека Вевчанци се неуморни и единствени во својата креативност и се одлични домаќини. Вчера преку василичарската поворка со маски го протеравме злото и ја дочекавме Новата Година со надеж за добро здравје и бериќет“, – изјави градоначалникот на Општина Вевчни, Цветомир Угриновски.
Под мотото „Биди и ти вистински василичар“ оваа година деновите кои му претходеа на фестивалот беа исполнети со интересни содржини и активности кои имаа за цел да соберат што поголема бројка на посетители пред се за да ја погледнат Василичарската поворка.. Главен адут на карневалот беше гостопримството, па посетителите беа во можност да посетат куќи на гостопримство и да вкусат од традиционалните вевчански специјалитети. Најмладите се анимираа во интересно детско катче за изработка на василичарски маски со што се мотивираа да бидат дел од карневалот, а за љубителите на природата беше организирана тура до Вевчанските извори со публицистот Мишо Китановски.
Исклучителната музичка програма беше нешто по кое Вевчански Карневал 2014, се разликуваше од претходните. Куку Леле ја загреаја атмосферата на 12-ти јануари, кога ѕвезди на вечерта беа момците од најпопуларниот рок бенд на овие простори, Ван Гог, кои направија публиката да се забавува до последниот момент. Ѓоко Таневски, пак, со својот енергичен настап ги забавуваше посетителите до самиот крај на вечерта.
„Нека нашите музички ноти ја пренесат љубовта која ја чувствуваме кон Вевчанскиот народ. Се чувствуваме навистина опуштено и прекрасно овдека. Следната година повторно ќе бидеме дел од вас“, – изјавија Ван Гог.
Дневни акустични свирки во амфитеатарот беа новост во музичката програма, а за нив беше задолжен етно составот Теодулија од Србија кои настапија и на големата сцена, вечерта после карневалската поворка, со македонски етно песни. За да биде уште позабавно за публиката и василичарите беа организирани натпревари во пиење вино „Вевчанска керф“ и цепење дрва, а победниците добија награди од пријателите на карневалот – винаријата „Стоби“ и млекарницата „Здравје Радово“.
По завршувањето на музичката програма синоќа, по полноќ како што налага обичајот, василичарите се упатија кон вевчанските извори од кои наполнија вода со која ќе го замесат првото лепче во Новата Година според Јулијанскиот календар..
Денеска, василичарите ќе направат дефиле на овогодишните маски, а манифестацијата ќе заврши со традиционално палење на маските. Оваа година се враќа стариот обичај за избор на најдобра групна маска која ќе ја одбере седмата сила. На најдобрата маска која ќе биде прогласена на 19-ти јануари, на празникот Водици, ќе и биде подарено буре црвено вино „Вевчанска керф“.