Денеска започна пријавувањето на заинтересираните кои сакаат за празникот Богојавление – Водици во Охрид да влезат во водите на Охридското Езеро и да го фатат светиот крст.
На првиот ден од пријавувањето се пријавиле 30-тина кандидати, информира Митко Пендов од Здружението за афирмација и поддршка на МПЦ-ОА „Богојавление“.
„Сите заинтересирани кои сакаат да скокаат по светиот крст можат да се пријават во ресторанот „Света Софија“ во Охрид. Тие пополнуваат пријава и добиваат маица со црковни симболи“, вели Пендов.
Според него, очекувањата се дека годинава во студените но осветени езерски води во Охрид ќе запливаат над 1.000 капачи.
„Засега имаме најавено една група од 20-тина луѓе од Битола кои сакаат да скокаат по крстот во Охрид. Најави пристигнаа и од десеттина кандидати од Скопје, потоа и од Прилеп, но заинтересирани има и од Бугарија и Чешка“, додава Пендов.
Истовремено, со пријавувањето на капачите кои ќе се обидат први да допливаат по светиот крст во Охридското Езеро, на 19-ти јануари в недела ќе се изврши и групно крштевање во осветените води на езерото. Церемонијата ќе се одржи во месноста Сараиште со почеток во 13:00 часот. Оние кои сакаат да се крстат, можат да се пријават во црквата „Свети Никола Геракомија“ или во ресторанот „Света Софија“.
Извор: Супер радио