Општина Охрид и охриѓани со заедничко решение за статусот на времените објекти

Локалната самоуправа во рамки на своите ингеренции и во склад со законските норми максимално ќе им помогне на сопствениците на нефункционалните  времени објекти или оние кои го нарушуваат градскиот амбиент  да ги заменат со естетски  многу подобри   кои ќе бидат во склад со новиот урбанистички план и  ќе му доликуваат на  туристички центар како што е Охрид, потенцира Градоначалникот Никола Бакрачески кој по најавите дека Општината ќе ги отстранува неугледните  времени објекти одржа средба со нивните сопственици со цел заеднички да го решат овој проблем.

„Согласно законот за градење ние како Општина Охрид сме обврзани да изработиме програма за поставување на времени објекти која ќе биде дадена на одобрување во Министерство за транспорт и врски каде  што ќе се донесе уредба врз основа на која што се одредува почетната цена за јавна лицитација за користење односно за стекнување право за користење на тие времени објекти . Согласно тој закон за градење ние во изминатиот период од неколку месеци имавме и интензивно скенирање на состојбите на терен. Стручните служби даваа мислење  кои од времените објекти би требало да бидат отстранети согласно урбанистичките решенија и планови кои треба да ги донесеме согласно решенијата на фондот за комунален развој и одделението за сообраќај. ќе се отстрануваат времените објекти кои  го нарушуваат амбиентот или функционалноста на просторот каде што се сместени и оние објекти кои што би можеле да останат“, рече градоначалникот Никола Бакрачески објаснувајќи зошто е потребно дел од постоечките да бидат отстранети или заменети со нови времени  објекти.

„Размислувањето на Локалната Самоуправа беше дека голем дел од нив изгледаат многу неугледно и го нарушуваат општиот амбиент во кој што се поставени и за некои од нив во договор со идните корисници на тие времени објекти ќе побараме да бидат изградени онака како што доликува на тој простор“, потенцира градоначалникот Бакрачески.

Согласно позитивните законски прописи  и корисниците на постоечките времени објекти од 2006 година навака воопшто не ги исполнувале обврските кон Министерството за транспорт и врски а од август 2012 година ингеренциите за управување со земјиштето на кое што се поставени времените објекти е во надлежност на Општина Охрид.

„На средбата  граѓаните кажаа дека дел  од постоечките објекти ги имаат дадено под закуп што е против законски, другите руинирани   ќе  настојуваме да се доведат односно заменат  со нови кои се  во склад на новиот урбанистички план“, рече Бранко Арнаудов од Секторот за Урбанизам.

Денес корисниците на времените објекти изразија задоволство што прв пат по многу години биле повикани од страна на Локалното раководство за заедно да го решаваат проблемот со времените објекти во насока на поубав Охрид.