Откриена гробница на непознат фараон во јужен Египет

Американски археолози од Универзитетот Пенсилванија, на југот од Египет откриле гробница од досега непознат фараон, кој владеел пред 3700 години.

Со ова, откриени се нови докази дека барем дел од древниот Египет го избегнал владеењето на Хиксите, освојувачи на територијата на денешна Сирија, кои доминирале на делтата на Нил помеѓу 18 и 15 век пред новата ера.

Гробницата е откриена во античкиот град Абидос, а на еден нејзин ѕид било напишано целосното име на фараонот Сенебкај. Во гробницата пронајден е скелетот од фараонот, некои предмети, но не и скапоцености, што укажува дека оваа гробница во минатото била ограбена.

Истиот тим на американски археолози, врз основа на фрагменти од плоча, го утврдил името на фараонот чија гробница е откриена минатата година во Абидос. Станува збор за фараонот Собекхотеп, за кого се верува дека пред 3800 години ја основал 13 династија.