Во рамките на одбележувањето на празникот Водици, Црвен крст Охрид се вклучува со низа активности кои, пред се се во насока на грижа за здравствената безбедност на посетителите на манифестацијата, како и на оние кои ќе „скокаат по крстот“ во водите на Охридското езеро.
Во рамки на одржување на концертот на Жељко Јоксимовиќ, во СРЦ „Билјанини Извори“, Црвен крст Охрид ќе има ангажирано 7 медицински тима со соодветна опрема за укажување прва помош и санитетско возило. На самиот настан волонтерите на Црвениот крст ќе ги придружуваат лицата со посебни потреби и инвалидизирани лица за кои е обезбедено соодветн место за следење на концертот.
На самиот ден на Водици, Црвен крст Охрид ќе ангажира 10 медицински тимови, со комплетна опрема и санитетско возило, соодветно распоредени на просторот на Градското пристаниште, како и 6 тимови на спасители на вода и 3 нуркачки тимови со 3 спасителни чамци и соодветна опрема.
„Нашиот ангажман има и поширок хуманитарен карактер кој започнува на 18.01.2014 (сабота) во 10 ч. пред седиштето на Црвен крст Охрид, со традиционалното доделување на хуманитарни пакети со прехрамбени производи на преку 100 социјално загрозени семејства од Охрид и Дебарца, од страна на овогодинешните кумови на Водици, Градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески и бизнисменот Сашо Симески, заедно со Директорот на Адора инженеринг Г-дин Ванчо Чифлиганец, (Кум на Водици 2012) кој воедно и ја започна традицијата на доделување ваков вид на помош на ранливите категории, за празникот Водици“. – вели Сашо Точков, претседател на Црвен крст Охрид.
И оваа година Црвен крст Охрид во соработка со Одделот за трансфузиологија ќе ја рганизира традиционалната крводарителска акција која под мотото „Имаш 5 минути?…Дарувај крв…Спаси човечки живот“ ќе се реализира на платото помеѓу Капетанија и ресторанот Чун на 19.01.2013 (недела) од 8:30-15:00 ч.
Ангажманот продолжува и наредниот ден, 20.01.2014 (понеделник), „Денот на рибарите“, кога покрај медицинските тимови и спасителите на вода, Црвен крст Охрид ќе ангажира и логистички тим кој ќе врши распределба на приготвената рибина чорба на здравствените установи, детските градинки и социјално загрозени семејства.
„Сакаме да нагласиме дека градежните зафати кои неодамна беа вршени на градското пристаниште, а кои вклучуваа раскопување на езерското дно во пристаништето, местото каде ќе се „скока по светиот крст“, наложуваат посебни мерки на безбедност во водата и особена претпазливост и внимателност на сите оние кои ќе „скокаат по крстот“. За да не дојде до несакани ситуации и повредувања на „капачите“, а со цел сите активни учесници на оваа манифестација навремено да бидат запознаени со потенцијалните опасности при влегување во водата, Ви стоиме на располагање со сите детали околу мерките кои секој треба да ги знае и практикува при влегувањето во водите на Охридското езеро на Градското пристаниште“. – додаде Точков.