Премиерот Никола Груевски во струшкото село Мороишта попладнево го пушти во употреба новиот канализациски систем.
„Инвестираме во поздрава животна средина, во поквалитетен живот на денешните, но и на идните генерации на Мороишта. Немањето канализациска мрежа во минатото беше тешко секојдневие за вас. По децениски проблеми со постојните јами, Владата изнајде начин и средства да го реши овој проблем. За таа намена беа издвоени околу 12 милиони денари со кои конечно се изгради потребната инфраструктура“, рече Груевски, обраќајќи се пред собраните жители на селото кои го поздравија пуштањето во употреба на канализацијата.
Премиерот порача дека Владата во Мороишта предвидува опремување и уредување на фудбалското игралиште за што се направени подготовките и моментно се чека одобрение за градба од Општина Струга.
„Го изградивме фудбалското игралиште „Браќа Миладиновци“ на излезот кон Охрид, планираме реконструкција на отвореното струшко игралиште за ракомет, изградба на тениско игралиште на Градската плажа во Струга и повеќенаменски игралишта во Лабуништа и село Нерези. Училишни спортски сали ќе се градат во училиштата „Нико Нестор“ и „Јосип Броз Тито“ во Струга, како и во „Мурат Лабуништи“ во Лабуништа, „Гоце Делчев“ во Подгорци, „Јосип Броз Тито“ во Враништа, „Асим Агуши“ во Радолишта, „Зини Хани“ во Велешта и „Св. Климент Охридски“ во Драслајца“, рече претседателот на Владата.
Се осврна и на предвидените инфраструктурни активности во образованието, водоснабдителните системи, патиштата. Ќе се реконструираат дел од повеќе училишта, ќе се доизградат водоводните системи во Луково, Пискупштина и Нерези, ќе се гради станбена зграда во Струга за млади брачни двојки и лица со ниски примања, ќе се конзервира археолошкото наоѓалиште „Стара црква“,…
Премиерот Груевски претходно ги пушти во употреба регионалните патни правци Тетово – Јажинце и Струга – Дебар.