Во рамки на празнувањата посветени на најголемиот и најмасовен христијански празник, Богојавление – Водици, синоќа градоначалникот Никола Бакрачески во куќата на Уранија по традиција ја додели Светската награда за хуманизам 2014, на годинешниот добитник, академскиот сликар Светлин Русев од Бугарија.
„Во предвечерјето пред водици , ми причинува особена чест и задоволство што сум избран да ја доделам оваа престижна награда на академикот Светлин Русев . Без сомнение од она што го знам можам да речам дека се работи за уметник- сликар од светски ранг. Јас сум среќен што Охрид претставува седиште на Охридската Академија за Хуманизам што претставува еден вид продолжување на традицијата на Светите Кирил и Методиј како основоположници на сесловенската писменост и култура и секако на Светите Климент и Наум како основоположници на првиот сесловенски универзитет и првата школа за хуманизам на овие простори“, истакна градоначалникот Бакрачески.
Свечениот чин на доделување на наградата го проследи бројна публика меѓу која беа и заменик министерот за култура на Република Бугарија, Васко Василев , градоначалникот на Велико Трново Даниел Панов, претседателот на тамошниот совет Пламен Радонов, Господинот Жан Нотари од Кан – Нормандија, директорот на Бугарскиот Културен Центар, Димитар Христов, генералниот конзул на Бугарија во Битола, генералниот секретар на Науките и Уметностите од Македонија, Владо Матески и останати личности од јавниот и општествениот живот од земјата и странство.