Груевски: Следува позитивно етапно усогласување на платите во полицијата

Премиерот Никола Груевски најави надминување на предизвикот со неусогласеноста на основната плата во Министерството за внатрешни работи со основната плата во државната администрација.

„Владата во соработка со Синдикатот за надминување на овој предизвик ќе изработи повеќегодишна стратегија за усогласување на основната плата во МВР со основната плата во јавната администрација“, рече Груевски во денешното обраќање пред синдикатите во државата.

Според него, со тоа ќе се обезбеди етапно усогласување на структурата на платите во МВР за да бидат слични со основната плата во државната администрација и платите на другите полициски служби со земјите во регионот. Тоа ќе се постигне, како што рече, преку корекција на платата, давајќи приоритет на ниските плати, стандардизација на разликата на плати и признавање на посебната улога на МВР во општеството поради ризиците, функциите кои ги врши и специфичните задачи во кои не се вклучени други претставници на јавната администрација.

Во обраќањето пред синдикатите, премиерот Груевски посочи дека оваа мерка е со цел подбрување на правата на вработените, за кои, како што рече, во изминатите период се преземени низа активности. Во тој контекст, меѓу останатото, посочи на Законот за внатрешни работи со кој се овозможи пензионирање под посебни услови со навршување 40 години пензиски стаж, без оглед на годините на возраста. Потсети и дека е донесен и Закон за полиција со кој е зголемен износот на средствата наменети за додаток на плата на полициските службеници, од претходните 20 проценти на 30 проценти поради видот на природата и сложеноста на полициските работи, како и поради тежината на работите и посебните услови под кои тие се извршуваат. Постигната е и согласнот со Синдикатот за зголемување на надоместот за прекувремена работа од 50 проценти на 100 проценти.