Министерот за образование и наука Спиро Ристовски, учествува на Светскиот образовен форум 2014 – глобален самит на министри за образование од 80 земји кој од 19 до 22 месецов се одржува во Лондон. Целта на Самитот е учесниците да ги разгледаат заедничките предизвици, да споделат искуства и позитивни практики, но и да воспостават кооперативен пристап кон образованието.
Во рамки на посетата на Велика Британија, Ристовски денеска оствари работна средба со Мајкл О’ Саливан, генералниот директор на Меѓународниот центар за наставни програми од Универзитетот Кембрџ, институција со која Министерството за образование и наука потпишан договор за адаптација на британските наставните програми и учебници по математика и природни науки, а кои во првите три одделенија од основното образование ќе почнат да се користат од наредната учебна година. Тој истакна дека е задвоелн од соработката со една од најистакнатите високообразовни ин ституции во светот.
„Исклучително сум задоволен од досегашната соработка со, практично, најголемиот светски провајдер на меѓународни образовни програми и квалификации за деца на возраст од пет до 19 години. Преку нашето Биро за развој на образованието, во моментов работиме на адаптација на нивните наставни програми и учебници по математика и запознавање на околината кои, согласно со договорот, нашите ученици од прво до трето одделение ќе ги добијат во септември годинава. Експертите на Кембриџ се максимално посветени во тој дел. Заклучно со 2016 година македонскиот образовен систем во делот на основното образование ќе биде целосно реформиран по теркот на еден од најсовремените образовни системи во светски рамки“, истакна Ристовски.
Ристовски вчера имаше и неформална средба со Мајкл Гоув министр за образование на Велика Британија. Ресорните министри разговарале за можностите за продлабочување на соработката во образованието меѓу двете земји. За време на посетата на Лондон, предвидено е да се сретне и со британскиот заменик-министер за образование Елизабет Трас, како и да посети неколку основни и средни училишта.