Сопствениците чии станови на улицата „Карпош Војвода“ во Охрид деновиве се предмет на присилна наплата денеска на прес-конференција реагираа на заплена на нивниот имот, зашто како што велат, тој е веќе во нивна сопственост, а не во сопственост на АДГ Трудбеник кој му должи на Јавното претспријатие за стопанисување со станбен и деловен простор.
Имаме купено од АДГ Трудбеник стан пред четири години. Платени се сите давачки кон државата. АД Трудбеник води спор со јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор. Извршителот Душан Филиповиќ, во текот на вчерашниот ден ни го оби станот и ја смени бравата, иако постои судско решение за забрана, да не се преземаат никакви дејства кон нас. Нерешените долгови се меѓу Трудбеник и јавното шпретпријатие, и тоа треба тие самите да го решат. Малтретирањата траат скоро три месеци, изјави Руме Цветаноски, еден од сопствениците на петте станови кои извршителот ги одбрал за присилна наплата.
Според Ирена Бачиќ, сопственичка на стан кој е на списокот на одземање од страна на извршителот, оштетените станари веќе поднеле и приватна тужба и добиле известување дека на извршителот му се забранува секакво дејство додека нема конечна разрешница на спорот.
–Проблемот настана со извршителот кој отишол во катастарот и побарал да види кои станови се се’ уште на име на Трудбеник и си одбрал од тие станови некои кои најлесно може да ги продаде. Ние се консултиравме со правник кој кажа дека не смеел да избира станови без да провери дали тие имаат товар врз себе. Овие станови се веќе продадени и имаме потпишано договори, но ете, не сме отишле да земем имотен лист. Тоа не му дава за право, на некој што дал пари и има документи, да му се запленуваат становите, образложи Бачиќ.
Судската забрана е од јануари 2014 година , а извршителот пред само два дена влегол во еден од становите за да изврши присилна наплата.
–И покрај забраната, еден од становите е обиен и станарите се надвор, вели Ирена Бачиќ.
Според Александар Бачиќ, станарите со месеци се изложени на силен притисок и на дополнителни финансиски трошоци, за да ја бараат правдата на суд.
– Што сме ние должни за нечии туѓу долгови, кога се работи за наша соптевност. Нека си најде државата свои механизми и инструменти за присилна наплата. Она што е спорно, нам со месеци ни се врши притисок, со закани, со крајно дрзок и некоректен однос од страна на извршителот. Знам дека е тој овластено службено лице, но ние не сме виновни што Трудбеник и должи на државата пари, вели Бачиќ.
Со овој проблем сопствениците на петте станови на улицата „Карпош Војвода“ се соочуваат од пред неколку месеци кога им беше одбиено барањето за издавање имотни листови за становите, со образложение дека односните станови се на листа на Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор за присилна наплата на долг што кон претпријатието го има АДГ „Трудбеник“. Од страна на побарувачот е ангажиран судски извршител, со налог да изврши попишување на становите, истовремено заканувајќи им се на сопствениците со можно иселување и заплена.
Инаку, извршителот треба да наплати долг од 7 милиони денари којшто АДГ Трудбеник го има кон Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија.
Извор: Супер радио