Објавен е Kонкурсот за упис на јавните високо образовни установи во академската 2015/2016 година

Следењето на глобалните трендови и тенденции поврзани со стандардите за квалитет во високото образование, како и обезбедувањето на еднакви можности за академска едукација на сите заинтересирани граѓани е јасно дефиниран приоритет и суштинска одредба на политиките на Владата на Република Македонија насочени кон градењето на општество базирано на знаење.

Во таа насока особено внимание се посветува на креирањето на нови, но и унапредување на постојните студиски насоки и програми во согласност со реалните потреби за остварување на државните економско – социјални интереси, но и на креирањето на стратегијата за насочување на идните академски граѓани кон конкретната образовна понуда.

Одлуката на Владата на Република Македонија во која е утврден бројот на слободни места за упис на студенти на јавните универзитети за академската 2015/2016 година, односно бројот на слободните места кои ќе се финансираат од Буџетот на Република Македонија, се темели на резултатите од деталната анализа на потребите на пазарот на трудот во земјата и утврдувањето на дефицитарните занимања, односно занимањата кои се актуелни и/или ќе бидат барани во иднина.

Токму спецификацијата на дефицитарните занимања, односно расположливите можности за вработување, но и заработката, покрај напредокот во кариерата и личното задоволство од работата, треба да бидат основни критериуми при избор на понатамошното високо образование.

Повеќе детали за студиските програми на јавните високообразовни установи можете да најдете во овој документ.