Расте бројот на заболени од грип во Македонија

Во текот на 3-тата недела од 2014 година (од 13.01.2014 – 19.01.2014 година), од вкупно 31 извештајна единица во Република Македонија, групни пријави за заболени од грип се добиени од 25 единици, со вкупен број на заболени од 1.385 (МБ 6,7/10.000).

Во споредба со бројот на заболени во 3-тата недела од минатата сезона (748), се бележи зголемување за 85,2%, а во однос на епидемискиот праг (просечниот број заболени за оваа иста недела во изминатиот 10-годишен период, кој изнесува 1.027), се регистрира зголемување за 34,9%.

Вкупниот број на заболени од грип во републиката од почетокот на сезоната 2013/2014 (40 недела, 2013) заклучно со 3-тата недела 2014, изнесува 3.328 (МБ 16,2/10.000). Во овој период регистриран е еден смртен случај асоциран со инфекција со вирусот на грип, кај жена на 67-годишна возраст со историја на хронични болести (хронична обструктивна белодробна болест, кардиомиопатија, дијабетес, бубрежна болест, деменција), кај која лабораториски е потврдена инфекција со вирусот на инфлуенца А/H3N2.

Во споредба со истиот период минатата година (1.759 заболени), постои зголемување на вкупниот број на пријавени случаи за 89,2%, а во однос на просекот за 10-годишниот период (3.749) се регистрира намалување на бројот на заболени во оваа сезона за 12,7%.

Заболени лица за целата оваа сезона се пријавени од 29 ЦЈЗ/ПЕ (извештајни единици), но во 8 единици бројот на регистрирани заболени лица е помал од 10. Досега 2 ЦЈЗ/ПЕ не пријавиле ниту еден случај на грип/ заболување слично на грип.

Дистрибуцијата на заболените од грип по месеци, укажува на тоа дека во трите недели од месец јануари пријавени се најголем број на случаи со симптоми на грип – 2.351 или 70,6% од вкупниот број на заболени во целата сезона 2013/2014. Во месец декември, регистрирани се 606 случаи или 18,2%.

Најголем број на заболени (702) како и најголем МБ (49,8/10.000) во оваа сезона се регистрирани на територијата на ЦЈЗ Куманово.

Бројот на заболени и морбидитетот по возрасни групи, во сезоната 2013/2014 е прикажан во Табела 1. Најголем број на заболени се пријавени во возрасната група која опфаќа најголем дел од населението (од 15-64 години) и изнесува 2.087 случаи (62,7%), а најголем МБ (35,8/10.000) е регистриран кај најмладите – децата до 4-годишна возраст.

Во текот на 3-тата недела од 2014, до вирусолошката лабораторија на ИЈЗ РМ дополнително се пристигнати 10 материјали за тестирање на грип, од кои 8 биле позитивни и тоа: 4 се нетипизирани инфлуенца А вируси, 3 се позитивни на вирусот на инфлуенца А/H3N2, а еден материјал е потврден како инфлуенца тип Б.
Од почетокот на сезоната 2013/2014, во оваа лабораторија се пристигнати вкупно 48 хумани материјали од здравствените установи – од амбулантски и болнички лекувани пациенти, од кои 19 или 39,6% биле позитивни на вирусот на инфлуенца.

Од позитивните, 17 материјали се конфирмирани како инфлуенца А (89,5%), а кај два е докажано присуство на инфлуенца Б вирусот (10,5%). Од инфлуенца А позитивните, 6 или 35,3% се конфирмирани како инфлуенца А/H1, 7 материјали се позитивни на инфлуенца А/H3N2 (41,2%), а 4 се нетипизирани инфлуенца А вируси (23,5%).

Во извештајот за движењето на вирусот на грип во сезоната 2013/2014 во Европа, според информациите на електронскиот неделник на WHO – Euroflu за 2-рата недела се наведува дека, иако е зголемен бројот на дијагностицирање на инфлуенца, бројот на пријавени случаи на заболувања слични на грип (ILI), акутни респираторни инфекции (ARI), како и хоспитализации предизвикани од тешки акутни респираторни инфекции (SARI) е на ниско ниво во поголемиот број на земји од Европскиот регион. Оваа сезона А(H3N2) е доминатниот сој кој циркулира кај пациенти кои се јавиле во амбулантите или болниците, за разлика од минатата сезона, кога доминатен сој беше А(H1N1)pdm09.

Во текот на 2-рата недела, бројот на позитивни резултати од тестираните примероци значително се зголеми во однос на минатата недела. Од тестирани 7.648 примероци од лица со заболувања слични на грипот (ILI), акутни респираторни инфекции (ARI) и тешки акутни респираторни инфекции (SARI), 999 или 13,1% биле позитивни за грип, а од нив 95% биле позитивни на influenza A, додека 5% на influenza B.

Од почетокот на сезоната (40 недела/2013) се детектирани и типизирани 3.888 примероци на грип. Од нив, 91% се типизирани како influenza A и 9% како influenza B. Од influenza A типизираните наоди, 2.466 се субтипизирани – од нив 1.199 (49%) се A(H1N1)pdm09 и 1.267 (51%) се A(H3N2). До крајот на 2-рата недела, 12 земји пријавиле доминатен инфлуенца вирус (инфлуенца А) за оваа сезона, додека пак од земјите кои даваат податоци за субтипизација, Ерменија и Турција пријавиле дека доминатен сој е А(H3N2), Бугарија, Грција и Шпанија – А(H1N1)pdm09, а Русија и Швајцарија пријавиле кодоминантост помеѓу овие два соеви.

Во текот на 2-рата недела од 2013 година, повеќето европски земји пријавиле низок интензитет на активноста на вирусот на грип, но со тренд на раст. Што се однесува до географската распространетост, воглавно е спорадична, освен во Португалија, Шпанија и Обединетото Кралство (Англија) каде е пријавена широка распространетост. Стапките на ILI и ARI продолжија да растат и во втората недела, но сéуште се под националните епидемиолошки прагови, освен во Холандија и Израел.

Бројот на пријавени хоспитализации поради тешки акутни респираторни инфекции (SARI) останува на ниско ниво, но се забележува зголемување на бројот на хоспитализации со потврдена инфлуенца инфекција, во однос на 50-тата недела од оваа сезона.