Ревидираната прогноза од Европската банка за обнова и развој за раст на македонската економија, од 2,7 проценти на 3 проценти, според премиерот Никола Груевски е резултат на реформите што ги спроведува Владата, инвестициите и структуираниот буџет во таа насока.
„Тоа е добро. Имаме зголемување на проекцијата од страна на ЕБРД, што кажува дека ЕБРД следејќи ги реформите и инвестициите што доаѓаат како што е Амфенол, новата фабрика на Џонсон Контролс и други најавени или веќе во градба или пуштени во употреба фабрики, ја придвижува својата прогноза за Македонија дека растот на економијата според нивно гледање ќе биде 3 отсто, а претходно беше 2,7 отсто, што значи дека имаме раст“, изјави Груевски.
Најави дека Владата продолжува со напорите за придвижување на економијата. На тоа, посочи, е насочен и буџетот, кој што е структуиран да овозможи побрз развој на економијата, поголем економски раст и отворање нови работни места во Македонија.
„Задоволен сум што еве и ЕБРД го согледува и ги зголемува проекциите за растот на економијата оваа година во Република Македонија“, изјави Груевски.