По предлог на директорката на Ј.П. „Охридски Комуналец“, Елена Скрческа, денес беше одржан состанок со претставници од Одделението за инспекциски надзор-Инспекторат и комуналните редари при локалната самоуправа. Целта на овој состанок, како што истакна Директорката Скрческа е подобрување на меѓусебна соработка и транспарентна комуникација во 2014 година во доменот на одржување на јавната чистота, јавното зеленило и услужната хигиена.
„Бенефитите од подобрата взаемна соработка ќе се ефектуираат не само во работата на јавното претпријатие и Инспекторат, туку генерално во подобрување на сликата и имиџот на градот како наш најголем туристички центар“. – рече Скрческа.
Од страна на претставници од комуналното претпријатие беа посочени најкритичните точки и проблеми со кои се соочуваат секојдневно.
„Тоа се одржување на јавната чистота на „ТAXI“ постојките, каде таксистите го загадуваат просторот со отпушоци и отпадоци, проблемот со отпушоците кои ги расфрлаат дел од вработените од локалите по градската чаршија и „Македонски Просветители“, преполнување на кантите (чија намена е депонирање на ситен отпад) со комунален отпад по градската чаршија и други фреквентни сообраќајници, несоодветно депонирање и оставање на комуналниот отпад кај индивидуалните објекти на ул. „Гоце Делчев“, ул. „7-ми Ноември“ и „Стив Наумов“, потоа критични точки каде се злоупотребува намената на контејнерите на ул. „Егејска“, ул. „Сатеска“ и ул. „Васил Стефоски“, непристапност на нашето возило од паркирани возила до поранешната зграда на МТВ и др. Во поглед на одржување на јавното зеленило најголем проблем создаваат домашните миленици, најмногу кучињата, кои ги уништуваат парковите“. – велат претставници од комуналното претпријатие.
Од Инспекторатот беше посочено дека голем проблем е одржувањето на зеленилото од индивидуалните објекти кое ги загрозува јавните пешачки зони и површини, како и одржувањето на локации кои се наоѓаат на фреквентни локации и се во приватна сопственост, а сопствениците не ги одржуваат.
Донесени се голем број заклучоци, идеи и предлози за подобрување на комуналната хигиена и јавното зеленило, кои заеднички Комуналец и Инспекторатот во 2014 година ќе ги реализираат.