Агенцијата ќе им помага на сточарите за регистрација на мандрите за традиционално производство на овчо и козјо сирење

Агенцијата за храна и ветеринарство го подготви Регистарот на здравствени тврдења и истиот од понеделник ќе биде објавен на интернет страната на Агенцијата. Преку него заинтересираните граѓани ќе може да се информираат за тоа кои здравствени тврдења кои компаниите ги истакнуваат на нивните производи при комерцијална презентација се одобрени, а компаниите на ваков начин ќе се информираат за статусот на поднесените барања за одобрување, но и да ги користат во комерцијалните презентации на производите здравствените тврдења кои се одобрени од страна на Агенцијата. Ова  го истакна директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Дејан Рунтевски, потенцирајќи дека до Агенцијата досега се доставени вкупно 320 барања за одобрување на здравствени тврдења кои се однесуваат на 320 производи. Од нив, како што истакна тој, одобрени се 64 барања во кои се одобрени 234 здравствени тврдења, а одбиени се 3 барања со вкупно 26 здравствени тврдења.

„Од страна на комисијата за одобрување на здравствените тврдења составена од стручни лица од Агенцијата, во која членуваат и претставници од Медицинскиот факултет и Факултетот за фармација треба да се проверат околу 500 здравствени тврдења, бидејќи за еден производ најчесто треба да се разгледаат по неколку тврдења. Поголем дел од барањата за одобрување од страна на компаниите беа доставени до Комисијата на крајот од минатата година, односно пред почетокот на примената на одредбите од Правилникот за нутритивни и здравствени тврдења во комерцијални цели при означување, презентација и рекламирање на храната, во почетокот на годинава“, – потенцира Рунтевски.

Тој најави дека наскоро на интернет страната на Агенцијата ќе биде објавен и Регистарот на одобрени додатоци на исхраната со над 2 илјади производи, вклучително и видови храна со посебна нутритивна употреба и збогатена храна.

Радува фактот, додаде Рунтевски, дека од година во година се зголемува свесноста на граѓаните кога е безбедноста за храната во прашање.

“Лани, според податоците од Одделението за заштита на потрошувачите, од страна на граѓаните биле поднесени 281 претставка, што е за 30 проценти повеќе во споредба со 2012 година. Половина од претставките односно околу 46 проценти се однесувале на храна од неживотинско потекло, околу 16 проценти за недоследности кај храна од животи минатата година се однесувале на храна од животинско потекло. Триесет и осум проценти од поднесените претставки лани се однесувале на здравствена заштита и благосостојбата на животните. Од вкупниот број поднесени претставки од страна на граѓаните во 2013 година , како и во претходните години основани биле околу шеесеттина проценти” – објасни тој.

Наводите во поднесоците се однесувале на означување на храната, изминат рок на употреба, присуство на контаминенти и туѓи тела, органолептички изменети својства на храната од неживотинско потекло. Кај поднесоците од граѓаните за храна од животинско потекло, најголемиот дел од забелешките во 2013 година се однесувале на органолептички изменети својства (мирис, боја и вкус) на месо, преработки од месо, риба, млеко и млечни преработки како и на несоодветна продажба на јајца на пазарите и за безбедноста и квалитетот на медот.

Агенцијата за храна и ветеринарство постапи и во случаите на поднесени претставки од граѓаните кои се однесувале на здравствената заштита и благосостојба на животните каде најголемиот дел од претставките се однесувале на регистрацијата и идентификацијата на животните, бездомните кучиња, работата на ветеринарните станици и труењето на животни.

Во Агенцијата се постапуваше по сите поднесоци, при што се донесени 79 решенија, извршени се 226 едукации, покренати се 8 прекршочни пријави, наплатена е глоба на 8 правни субјекти. Уништени се 10. 483 килограми небезбедна храна.

„Од идната недела во функција на граѓаните ќе биде ставена бесплатната телефонска линија 0800 3 2222 на која ќе може да се пријавуваат недоследности кои се однесуваат на безбедноста на храната, храната за животни и здравствената заштита и благосостојба на животните“ , – заклучи Рунтевски.

Заменик директорот Абдулезел Догани апелира до производителите да ја искористат законската можност и да се регистрираат како традиционални производители на овчо и козјо сирење за што, како што објасни тој, потребно е да се исполнат минимални стандарди во поглед на градбата и адаптацијата на објектите за производство, опремата и хигиенските услови со цел на пазарот да се пласира безбеден традиционален производ.
„Идејата е да се регистрираат што повеќе примарни производители, бидејќи досега се регистрирани само 10 мандри, а реално нивната бројка е многу поголема. Трошоците за регистрација се минимални, а бенефитот е голем и за самите производители и за потрошувачите, но и за Агенцијата бидејќи на ваков начин ќе се обезбедат услови за воспоставување на следливост на производите со традиционални карактеристики како што се овчото и козјото сирење кои традиционално се произведуваат во мандрите“, – истакна Догани.
Процедурата за регистрација не е ниту тешка ниту условите кои треба да се исполнат за сточарите се обемни и комплицирани. Кај поголемиот дел од нив, објасни тој, потребни ќе бидат само минимални преадаптации на објектите и на опремата со цел истите производството да го усогласат со Правилникот за традиционално производство на овчо и козјо сирење и да гарантираат дека на пазарот пласираат безбеден производ со традиционални карактеристики.

“Овие производители и сега подлежат на контроли од страна на Агенцијата и тоа од аспект на безбедноста на храната за животни, здравствената заштита на животните, безбедноста на млекото како суровина за производство на млечни преработки и затоа, за усогласување на производството со одредбите од подзаконските акти кои ја регулираат оваа материја нема да одземе ниту многу време, ниту се потребни големи финансиски вложувања.” – објасни Догани.
Со регистрацијата во Агенцијата овие производи со традиционални карактеристики, за кои според заменик директорот на ваков начин ќе се гарантирана следливоста, непречено ќе може да се продаваат и да се извезуваат.

„Агенцијата за храна и ветеринарство останува отворена за соработка со сточарите во поглед на нивно информирање за начинот на регистрација и условите кои треба да ги исполнат за да го прилагодат производството. Стандардите за ова производство се разликуваат од стандардите за комерцијалното производство во млекарниците, каде треба да се исполнат условите и да се имплементира HACCP стандардот. И европската регулатива за примарно традиционално производство е полабава, па затоа не постојат и посебни барања за регистрација како оние кои се однесуваат на млекарниците“ – информира Догани.

Врз основа на одредбите од правилникот кој ги дефинира условите за директна продажба на мали количини примарни земјоделски производи, земјоделците, како што објасни заменик директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, имаат можност легално да вршат продажба како оператори со храна од мал обем. Тие можат да продаваат млеко, јајца, мед и производи од пчели, риби и дивеч директно на крајниот потрошувач на фарма, или истите да ги пласираат во локален малопродажен или угостителски објект, како и во специјализирани објекти за ваков тип на производи.