Од идната учебна година сите основци ќе учат математика и природни науки по адаптирани наставни програми од Меѓународниот центар за наставни програми на Универзитетот Кембриџ. Проектот почна пред три години и засега програмите се применуваат од прво до шесто, а од септември ќе бидат воведени во седмо, осмо и деветто одделение. Со тоа, адаптираните наставни програми по овие предмети ќе го опфатат целото основно образование.
Заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски денеска на прес-конференција зборуваше за позитивните резултати од досегашната примена на наставните програми по Кембриџ, кои се објавени на четирите наставни јазици – македонски, албански, турски и српски.
„Овие реформи ја постигнаа целта. Тоа го констатираат и од самиот Кембриџ центар по спроведениот целосен мониторинг на воведувањето и примената на нивните програми и учебници во нашата земја. Извештајот од мониторингот е со исклучително позитивна конотација и констатира дека реформата правилно се спроведува“- рече Ристовски.
Соработници од Кембриџ посетиле 60 училишта и од нивниот непосреден мониторинг на часовите составиле извештај во кој заклучиле дека е значително зголемена интеракцијата помеѓу наставниците и учениците.
Според Извештајот, за кој информираше Ристовски, тоа се должи на клучните особености на наставните програми – спирална настава по меѓународни стандарди, која вклучува решавање на проблеми, изнаоѓање решенија за проблемски задачи за време на часот. Тоа, според Кембриџ, иницира зголемен интерес кај учениците за следење на наставата, за вклучување во дискусија и за размислување. Во извештајот е нотирано и дека учениците полесно ги совладуваат и меморираат потребните информации.
„Кај наставниците, пак, прилично е подигнато нивото на задоволство на интересот кај нив за предавање на материјата и за подучување согласно новите методи. Констатирана е значителна промена во пристапот на наставниците кон учениците, што се должи на квалитетните обуки за начинот на примена на програмите… Еден од нотираните факти вели дека по спроведувањето на обуките дури 97 проценти од наставниците сметаат дека ги стекнале потребните вештини за предавање по новите програми… Посебно не радува нотирањето на Кембриџ дека дел од наставниците сметаат дека предавањето по овие наставни програми е највисокиот дострел во нивните кариери“, рече Ристовски.
Додаде дека извештајот не содржи негативни забелешки, но содржи сугестии до општините да ја зголемат поддршката за наставни помагала. Една од нотираните забелешки, додаде Ристовски, е во следниот период да се поработи на зголемување на очекувањата на самите наставници од постигнувањата на учениците.
Директорката Бирото за развој на образованието Весна Хорватовиќ рече дека немаат негативни реакции од наставниците откако почнала примената на програмите.
„За секоја реформа има различни реакции. Во старт знаевме дека ќе има извесни негативни реакции, и ги имаше. Меѓутоа, кога почна реформата и кога наставниците, прво тие, се убедија дека станува збор за подобрување на комплетниот процес – подобри наставни програми, подобри учебници, методи на настава – целиот процес наиде на прифаќање,“ рече Хорватовиќ.
По заокружувањето на целото основно, оваа реформа ќе продолжи во континуитет да се спроведува и во средното образование. Примената таму веројатно ќе почне наредната година, за што се направени измени во Законот.